Честитка по повод Новата 2025 година до своите почитувани читатели и до сите граѓани упати редакцијата на македонскиот весник „Илинден”, со желби за добро здравје, радости и успеси во наредните 365 дена.
Во исто време искажува благодарност за нивната доверба кон овој медиум на македонски јазик во Албанија.
„Почитувани, Ви благодариме на довербата која ни ја дадовте како на одговорен, непристрасен и објективен медиум, кој информира и анализира преку својата новинарска екипа за сите настани, за и околу Македонците, за случувањата во државата и пошироко, преку две платформи: печатено и електронско издание“, стои во честитката.
Се додава дека и во годинава во која зачекоривме ќе продолжат со одговорната и многу значајна новинарска работа.
„Во 2025 година, ние ќе продолжиме според новинарските стандарди и етика да ве информираме навремено, објективно и од сите агли за најважните проблеми на Македонците во Република Албанија, настаните кои се случуваат во Албанија, татковината Македонија регионот и во светот“, порачува редакцијата на весникот, чиј главен и одговорен уредник е Никола Ѓурѓај.
На 1 март 2011 година како двоброј (март/април) беше отпечатен првиот број на весникот, како гласило на македонското друштво „Илинден” – Тирана.
„Изминативе години, весникот предизвика голем интерес кај македонската читателска публика во Република Албанија, во татковината Македонија, како и меѓу македонската дијаспора во светот. Весникот ‘Илинден’ дава голем придонес во евидентирањето и надминувањето на голем број прашања од интерес на Македонците во Република Албанија, и континуирано работи на заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен и културен идентитет и националните традиции на Македонците во Република Албанија“, оценуваат од редакцијата.
Македонскиот весник „Илинден” почнувајќи од март 2017 година, покрај печатената верзија е и со електронско издание.