понеделник, 21 октомври 2024
Одбележан Денот на воздухопловниот ВИНГ

Македонското воено воздухопловство ќе се опремува со француски мистрал и италијански августа

Со воена свеченост во касарната ,,Страшо Пинџур“ во Петровец, припадниците на воздухопловниот ВИНГ (вВИНГ) од составот на Командата за операции (КО) го одбележаа 10 јуни – Денот на единицата, ден кога во 1992 година беше првиот лет на македонското воено воздухопловство. По повод свеченоста прелеа два авиони Ф16 на грчкото воздухопловство, кои согласно договорот со НАТО, вршат обезбедување на македонското небо.

Објавено на

часот

Сподели

Пред началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и присутните се обратија началникот на штаб на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски и командантот на вВИНГ, полковник Игорчо Стоименовски.

Бригадниот генерал Ѓоргоски истакна дека одбраната на воздушниот простор претставува врвен приоритет и додаде дека во изминативе 32 години, конкретно се придонесува во изградбата на капацитетите и способностите на единицата. Генералот нагласи дека со предвидената модернизација ќе се овозможи поголема оперативна способност и подобро извршување на мисијата и задачите на единицата. Во својот говор генералот со особен пиетет потсети на загинатите 11 припадници во хеликоптерската несреќа кај катлановско Блаце, порачувајќи им на припадниците на вВИНГ сеќавањето на нивните жртви  да им биде мотив за постигнување на уште поголеми успеси и професионалност.

Командантот на единицата, полковник Игорчо Стоименовски пред присутните го даде историскиот осврт на единицата, при што истакна дека благодарејќи на заложбите на стручниот и високо мотивиран персонал беа поставени темелите на военото воздухопловство и противвоздушната одбрана. Воедно се осврна на тридеценискиот процес на континуирано опремување кое започна со транспортни хеликоптери, радар за набљудување на воздушниот простор и лесни школски авиони, а во понатамошниот период со предвидените набавки на повеќенаменски хеликоптери и ПВО системи ќе се подобрат способностите за извршување на мисијата на единицата.

За следната година тој најави опремување со модерните противвоздушни системи – мистрал од француско производство, а за две години од сега и италијански хеликоптери – августа“ со широк спектар на способности за воздухопловна поддршка на единиците на Армијата и за поддршка на цивилни институции при природни катастрофи и вонредни состојби. За следната година најави и распишување конкурси за прием на нов млад кадар за потребите на единицата.

Пред стројот се прочитаа честитки и доделија стимулативни мерки на припадници од единицата кои се истакнале во работата, по што присутните имаа можност да проследат прелет на два воздухоплова Ф-16 од грчкото воено возухопловство, кои се дел од воздухопловното патролирање на НАТО, а се реализираше и прелет на дел од воздухопловите со кои располага воздухопловниот ВИНГ.

На свеченоста покрај началникот на Генералштабот, генералот Ѓурчиновски, присуствуваа и заменикот на началникот на ГШ, генерал-мајор Азим Нуредин, директорот на ГШ, бригаден генерал Симеон Трајковски, претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот, команданти на команди и единици на Армијата, поранешни команданти и други.

Денешниот датум е одреден за ден на вВИНГ, во сеќавање на првиот лет со воен воздухоплов во Армијата во 1992 година. Од почетокот оваа единица беше составена од авијациска бригада со авијациски, транспортен и борбен хеликоптерски сквадрон по што во 2005 година беше трансформирана во помала, покомпактна единица наречена воздухопловен ВИНГ (воздухопловна извидувачка напаѓачка група) која фигурира до 2012 година, кога се формира Воздухопловна бригада, а по последната трансформација се оформува денешниот воздухопловниот ВИНГ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ