недела, 26 мај 2024

Македонското друштво Сонце, примено во Мрежата за промовирање на јазичната разновидност

Македонското друштво (МД) Сонце од Албанија стана членка на Мрежата за промовирање на јазичната разновидност, (НПЛД) со добиената едногласна поддршка на Генералното собрание, што се одржува во Сантијаго де Компостела, Шпанија, информираше, Васил Стерјовски, претседател на друштвото.

Објавено на

часот

Сподели

Во своето обраќање на Генералното собрание Стерјовски, меѓудругото посочил дека друштвото е цврсто посветено на застапувањето за македонското малцинство во Албанија, со „фокусирана посветеност на зачувување и промовирање на нивниот етнички, јазичен, културен и верски идентитет“.

„Ние во македонското друштво Сонце, сме длабоко ангажирани во активности дизајнирани да го слават и одржат уникатното културно и јазично наследство на македонската заедница. Овие иницијативи се движат од организирање јазични курсеви и објавување материјали на македонски јазик, до соработка со академски институции и формирање сојузи со други малцински здруженија. Нашите напори се водени од јасна мисија: да ги заштитиме човековите права и слободи на македонската заедница, а со тоа да го збогатиме мултикултурното општество на Албанија“, рекол тој.

Оценил дека соработката ќе обезбеди пристап до најдобрите практики и успешни модели од цела Европа, кои би можеле да се имплементираат во Албанија за промовирање на јазичната разновидност.

„Ова е од суштинско значење за поттикнување на поинклузивно општество каде што јазиците на малцинствата не само што се толерираат, туку се вреднуваат и чуваат. Една од нашите главни цели е да лобираме за потпишување и ратификација од страна на Албанија на Европската повелба за регионални или малцински јазици. Партнерството со мрежата за промовирање на јазичната разновидност значително ќе го засили овој напор за лобирање, зајакнат со експертизата и влијанието на мрежата“, порачал Стерјовски.

Според него, вклучувањето во мрежата, на МД Сонце, основано на 11 јануари 2011 година, како независна и непрофитна НВО, ќе придонесе и за поширокото европско движење за зачувување и промовирање на јазичната различност.

НПЛД е европска мрежа со седиште во Брисел, во која членуваат над 40 автономни региони, унверзитети и невладини организации, која работи на полето на јазичната политика и има за цел активно промовирање на лингвистичката различност во Европа.

Ова е последователен успех на македонското движење во Албанија.  Минатиот месец, партијата Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, стана полноправна членка на Европската слободна алијанса, ЕФА.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ