„Таквите злонамерни изјави на официјални личности од бугарската политичка сцена се директен напад на суверенитетот, интегритетот и независноста на нашата држава и истовремено се во директна спротивност со правилата и принципите на меѓународното право, немешањето на државите во нивните внатрешни работи и политиката на градење добри меѓусоседски односи“, наведува МНРиНТ во реакцијата.
Министерството ја оцени како „недолична и непримерена“ изјавата на бугарскиот политичар и очекува да биде отфрлена од официјална Софија.
„Ваквата недолична изјава на Костадинов, очекуваме од официјална Софија да биде отфрлена како непримерна на духот и времето во кое живееме, европските стандарди кои силно ги почитуваме и спротивно на нашите залагања за обезбедување траен мир, безбедност и просперитет во Европа и пошироко“, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Лидерот на ултаранационалистичката и крајнодесничарска бугарска партија Преродба, Костадин Костадинов, ја повика владата во Софија официјално да објави претензии за припојување на Македонија и на украинската област Јужна Бесарабија кон Бугарија.
Во објава на социјалната мрежа Фејсбук, Костадинов ги поддржува изјавите на новозибраниот претседател на САД, Доналд Трамп за Канада и Панамскиот Канал и наведува дека е потребно и Софија јавно да излезе со барање за припојување на Македонија и Јужна Бесарабија кон Бугарија.