сабота, 27 јули 2024

Македонско-бугарски уметнички тандем со заедничка изложба во Австрија

Македонскиот уметник Оливер Мусовиќ и бугарската уметница Десислава Унгер, која живее во Виена,  ќе имаат заедничка изложба насловена „По сѐ изгледа“ во  галеријата „Кунстраумаркаде“ во Модлинг, Австрија.

Објавено на

часот

Сподели

Изложбата ќе биде отворена денеска и ќе трае до 11 ноември. Куратор е Давид Комари, раководител на галеријата „Штадпарк“ во Кремс на Дунав и куратор на уметничката резиденцијална програма на Долна Австрија, исто така во Кремс на Дунав каде Мусовиќ престојува извесно време.

Оливер Мусовиќ на изложбата ќе претстави две нови дела – фотографски серии  насловени „Обраснато“ и „Рудерален хербариум“, реализирани на престојот во Кремс на Дунав.

Кураторот Комари за изложбата вели дека претставува две уметнички позиции кои споделуваат теми за место и не-место.

„Делата на Оливер Мусовиќ се втемелени во културно-антрополошки и социополитички перспективи, додека Десислава Унгер има поетско-асоцијативен и сценско-наративен пристап кон нејзините графики и цртежи… Оливер Мусовиќ ја разгледува природата суштински „од внатре кон надвор“, приближувајќи се кон местото и пејзажот од речиси ботаничка гледна точка. Фотографиите на Мусовиќ ги истражуваат местата и областите на градот каде урбаното се среќава со неконтролираното – растенија и вегетација кои латентно, но незапирливо се размножуваат и шират во урбаните простори помеѓу зградите и плоштадите“, наведува кураторот Комари. 

Оливер Мусовиќ имал самостојни изложби во земјава, како и во Швајцарија, Словенија, Србија, Австралија и Црна Гора. Учествувал на голем број групни изложби на современа уметност низ светот.

Учествувал и на резиденцијални престои во Словенија, Германија, Чешка, Швајцарија, Кореја, САД и Франција. Негови дела се застапени во повеќе јавни колекции и се објавени во повеќе публикации – прегледи на современа уметност од најзначајните светски издавачи на уметничка литература.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ