вторник, 22 октомври 2024
Се чека одговор на третото по ред барање за ектрадиција

Македонските затвори 11 години ги чекаат Демири и Исмаиловиќ, доживотно осудените за „Монструм“

Алил Демири и Африм Исмаиловиќ во Македонија се доживотни осуденици, а во Косово слободни граѓани. Овде во државава овие двајца бегалци се водат како недостапни на органите на прогонот, а се осудени на доживотен затвор за тероризам, односно за петкратното убиство кај Смилковските езера од 2012 година. Министерот за правда Игор Филков неодамна потпиша барање за екстрадиции за Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се осудени за доживотен затвор за кривичното дело – тероризам.

Објавено на

часот

Сподели

„За Алил Демири и Африм Исмаиловиќ прв пат е побарана екстрадиција на 15 март 2013 година. Бaрањето за екстрадиција беше одбиено со пресуда на Основниот суд Приштина од октомври 2015 година, а потврдено од Апелацискиот суд на Косово јануари 2016 година. Екстадиција повторно е побарана за двајцата на 5 септември, 2018 година. На 8 октомври 2021 добиено е известување од Министерството за правда на Косово дека екстрадицијата за Исмаиловиќ се одбива, а за Демири нема одговор. Во постапките се што беше побарано од косовските власти беше доставено“, велат за МКД.мк од Министерството за правда.

Петкратното убиство кај Смилковско Езеро се случи на 12 април 2012 година, а извршителите кои според правосилната судска пресуда пукале во децата и рибарот не поминаа ниту еден ден во македонските затвори.

Апелација во септември 2022 година ги одби како неосновани жалбите на обвинетите во случајот Монструм, и ги потврди казните на осудените, односно доживотниот затвор за Алил Демири и браќата Агим и Африм Исмаиловиќ.

Со правосилната пресуда потврдена е и казната за Хаки Азири кој беше осуден на казна затвор од девет години, а Фејзи Азири на казна затвор од 15 години.

Ослободителна пресуда доби единствено обвинетиот Сами Љута. Првостепената пресуда, второстепениот суд ја преиначи само по однос на засметувањето на мерката притвор што ја поминале обвинетите.

Петкратното убиство се случи на 12 април 2012 година кај Смилковското Езеро, кога беа убиени Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и рибарот Борче Стевковски.

Монструм имаше две судења откако во 2017 година Врховниот суд го врати случајот на почеток кај Специјалното јавно обвинителство.

Во моментов во затвор за овој случај е само Фејзи Азири кој е во затворот во Идризово и казната за петкратното убиство му истекува во јули 2027 година. Во меѓувреме се стекнал со право на излегување на викенд на 45 дена и еднаш излегување на годишен одмор.

На слобода откако ја одлежа затворската казна во мај годинава излезе Хаки Азири.

Државава нема ограничувања колку пати може да бара екстрадиција на двајцата бегалци кои претходно беа уапсени во Косово за друго кривично дело, па пуштени на слобода.

Но тие се доживотни осуденици во државава за сега само на хартија. Во моментов се чека одговор од Косово дали ќе ја одобрат екстрадицијата и ќе одговорат позитивно на последното поднесено барање, овојпат од министерот Филков.

К.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ