сабота, 27 јули 2024

Македонските води осветени, фаќачите на крстовите благословени

Свештеници од МПЦ-ОА ширум земјава денеска ги осветија водите со Чесниот крст по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици. На осветувањето на водите насекаде присуствуваа стотици граѓани, но и туристи кои случајно или намерно на овој ден се нашле во Македонија. Сите оние што имаа среќа да го фатат крстот годинава беа благословени од свештениците и беа дарувани со пригодни подароци.

Фото: МИА

Објавено на

часот

Сподели

Седумнаесетгодишниот Ѓорѓи Николовски го фати осветениот крст во водите на реката Вардар во Скопје.

„Посакувам здравје, среќа, спокојство на сите. Со Господ напред, се најдобро на сите, Господ е голем. Сите да имаат единство и да се обедини Македонија и македонскиот народ“, изјави Николовски.

Николовски доби пригодни подароци од Македонската Православна Црква -Охридска Архиепископија(МПЦ-ОА) и од годинашниот кум.

Годинава, пријавени беа 157 граѓани кои скокнаа во водите на Вардар за да го фатат осветениот крст што во водите на Вардар го положи поглаварот на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија г.г. Стефан.

Одбележувањето на празникот Богојавление-Водици почна во 9 часот со архиерејска божествена литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ со која чиноначалствуваше архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) г.г. Стефан. По завршување на литургијата, поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан заедно со свештенството во поворка се упати кон мостот Слобода каде што и беше положен Чесниот крст во реката Вардар.

Никола Јакимоски денеска беше најсреќен меѓу охриѓани. Тој беше највешт меѓу неколкуте стотини верници и успеа да го извади Чесниот крст од осветените води на Охридското Езеро.

„Скокам по крстот од својата 15-та година и како сите имав желба да го фатам. Оваа година среќата ме посака мене. Секогаш е тешко да се влезе во студените води, ама желбата е поголема од тешкотиите. Посакувам здравје, среќа, љубов, свадби, дечиња, напредок на сите полиња“, рече 29-годишниот Јакимоски.

Традиционално, најсреќниот и оваа година беше даруван. Владиката дебарско-кичевски Тимотеј го даруваше со златен ланец со крст, а градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков му подари икона и крст изработен во филигран.

Инаку, како и секоја година празникот Водици во Охрид се одбележува масовно, со присуство на илјадници верници, како и стотици и илјадници капачи кои влегуваат во осветените езерски води.

Верскиот дел од чествувањата по повод Богојавленскиот водосвет ќе биде заокружен точно на пладне на Сараиште, со масовно крштевање во осветените езерски води.

За бројните верници и гости кои се тука во Охрид, прославувањето на големиот празник продолжува со концерт на групата Некст тајм на Градскиот плоштад.

Празнувањата на Водици во Охрид продолжуваат и утре со „Денот на рибарите“ на празникот посветен на Свети Јован Крстител. Традиционалното капење на рибарите и годинава ќе се одржи на месноста Сараиште и истата ќе биде надополнета со повеќе културни и забавни содржини. Оваа година ќе биде послужена и храна карактеристична за трпезите на овој празник, греана ракија, вино, пивтија.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ