сабота, 27 јули 2024

Македонските ракометарки остварија важна победа во Литванија за пласман на ЕП

Женската ракометна репрезентација на Македонија со 31-28 победи на гостувањето кај Литванија, триумф кој може да биде клучен за пласман на Европското првенство.
 

Објавено на

часот

Сподели

На Кристијан Грчевски и на неговите избранички јасно им беше дека денешниот натпревар во Вилнус е клучен за пласман на ЕП и затоа пристапија максимално сериозно, но победата воопшто не дојде лесно, уште помалку убедливо.

Напротив, Литванките покажаа голема борбеност и долго време парираа рамноправно, поради што се играше гол за гол во првите 20-тина минути. Впрочем, Македонија првпат поведе во 11-тата, со 8-7, а дури кон крајот на полувремето успеа да направи каков-таков исчекор, кога со серија од 4-1 поведе со 17-13. Сепак, Литванките не попуштаа и до паузата намалија на 17-15.

Иако вториот дел тргна со изедначување на Литванките, полека почна и во резултатот да се воочува разликата во квалитет. Јована Мицевска фати неколку важни топки, Литванките правеа грешки во нападот и, за волја на вистината, немаа среќа во реализацијата, па Македонија ја стабилизира разликата од 2-3 гола. Во 57. минута поведовме и со 29-25 и да немавме два утнати пенала во овој период, веројатно предноста ќе беше поубедлива и порано.

Сара Ристовска беше прогласена за најкорисен играч на натпреварот со девет гола од 12 обиди, иако Андреа Седлоска беше одлична со осум од осум. Осум интервенции забележа Мицевска, со две ѝ помогна Драгана Петковска.

Со овие два бода, Македонија има четири, колку и Шпанија, која вчера го декласира Азербејџан со 38-18. Литванија и Азербејџан имаат по нула, така што само во теорија е возможно да ја стигнат нашата репрезентација, особено што возвратниот меч со Литванките го играме на домашен терен, во април, во последното коло. На ЕП се пласираат првите две од групата, а шанса има и за четири од третопласираните во осумте групи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ