сабота, 27 јули 2024

Македонките млади „рипаат во тавче“, помлади се мажат само Украинките, Белорусинките и Турчинките

Македонките  млади се мажат, просекот вели дека склучуваат брак на  26,6 години. Помлади во Европа во „тавчето влегуваат“ само Украинките, Белорусинките и Турчинките. Во западните држави се мажат на над 30-годишна возраст, но најчесто прво дете доаѓа на свет, а потоа се оди пред матичар.

Фото архива: Галичка свадба

Објавено на

часот

Сподели

Според анализата на статистичкиот портал Ландгеист, базирана на податоци на Евростат, во сите останати држави подоцна се влегува во брак, а веќе во мнозинството западни држави во брачни води се стапува по наполнувањето на 30 години.

Девојките во Црна Гора стапуваат во брак просечно на 27,5 години, во Бугарија на 28,3, во Србија на 28,5, во Хрватска и во Косово на 28,8, а во Грција на 30,9 години.

Во повеќето европски земји, жените стапуваат првпат во брак на над 30 годишна возраст. Забележлива е разликата во западна и во источна Европа, колку се оди позападно, толку е поголема просечната возраст.

Најмлади се мажат Украинките на 24,9 години, девојите во Белорусија на 25,1 и во Турција на 25,2 години.

Жените во Шведска, пак, стапуваат во брак просечно на возраст 34,8 години, во Шпанија на 34,7, а во Норвешка на 34,1 година.

Ландгеист забележува и дека возраста на која жените стапуваат во брак не мора да значи дека тие подоцна влегуваат во врска или основаат семејство. Ако се погледне мапата прикажана подолу на уделот на раѓања надвор од брак, се чини дека сѐ повеќе парови прво раѓаат деца, а потоа стапуваат во брак или воопшто не стапуваат во брак. И според таа мапа, освен Турчинките, младите жени во Македонија во најмал број раѓаат деца пред брак, односно се решаваат на вонбрачна заедница со деца. Во тоа пак, предничат Французинките во Европа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ