недела, 5 јануари 2025

Македонските евроинтеграции пред предизвикот за дијалог без ултиматуми

Македонија остана на заложбите за членство во ЕУ и во текот на 2024 година, но нејзиното напредување на евроинтегративниот пат и натаму е условено со исполнување на обврските утврдени со Преговарачката рамка, пред сè поврзани со промените на Уставот. Наспроти ова, властите на земјава порачуваат дека „македонските граѓани и Македонија како држава го заслужуваат своето место со останатите 27 земји членки на Европската Унија, бидејќи споделуваме исти вредности, се бориме за исти вредности и веруваме во тие вредности, а тоа е да бидеме обединети во различностите“.

Објавено на

часот

Сподели

Сепак, во заклучоците на ЕУ за проширувањето, усвоени кон средината на минатиот месец, Унијата ја поздрави „определбата на новата влада на Македонија, која интеграцијата во Европската Унија ја прогласи за своја стратешка цел“, но потсети и дека земјата сè уште не ги спровела уставните измени на кои се обврза.

Покрај нагласувањето на потребата за преземање „постојани и решителни чекори за да се забрза спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ, особено во областите на основните вредности и владеењето на правото, каде што е постигнат само ограничен напредок“, во заклучоците се потсетува на важноста од „постигнувањето видливи резултати од имплементацијата со добра волја на билатералните договори, вклучително и на Договорот од Преспа со Грција и на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, во согласност со преговарачката рамка“.

И во завршната декларација од самитот ЕУ-Западен Балкан, одржан на 18 декември, се посочува дека „помирувањето, инклузивната регионална соработка и добрососедските односи се сржта на Европската Унија, па затоа од суштинско значење е спроведувањето на меѓународните договори со добра волја и со видливи резултати, вклучително и на Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија“, без при тоа во текстот директно да се именува или посочи земјава.

Во документот се нагласува и дека заеднички интерес на ЕУ и на земјите од Западниот Балкан е забрзувањето на пристапниот процес, „заснован на кредибилни реформи од страна на партнерите, на правична и ригорозна условеност и на принципот на индивидуални заслуги“.

Токму на почитувањето на индивидуалните постигнувања во спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ, инсистира и македонската влада. Пред заминувањето на самитот ЕУ-Западен Балкан, премиерот Христијан Мицкоски порача дека Европската Унија мора „да се врати на старите шини“, кои се темелат на мерит-системот, односно на постигнувања, а не на билатерални спорови“, додавајќи дека блокада може да има доколку земјата не е добра во одредени перформанси, кои произлегуваат од критериумите.

„Не велам јас дека ако ние не сме добри во владеењето на правото, образованието, рибарството или нешто друго, дека не треба да бидеме успорени или закочени. Но, ако треба да решаваме прашања од 11-ти и 12-ти век и тие да ни се пречка, тогаш никогаш нема да бидеме дел од ЕУ. Тогаш ќе имаме две опции. Или да се самоуништиме, што е лудо, или да се бориме и потешко ќе бидеме дел од ЕУ, сè додека постојат овие спорови“, порача Мицкоски.

Според него, со ова наместо ние да се европеизираме, процесот на пристапување во ЕУ се балканизираше со ставање пречки поради билатерални спорови, кои не се поврзани со реални проблеми.

– Полека но сигурно тоа стана пракса… Билатерализацијата стана алатка, односно наместо ние да станеме Европејци, Европејците станаа Балканци и тоа е најголемиот проблем сега кај нас. Практично, процесот на пристапување на преговори се балканизираше“, истакна Мицкоски во новогодишното интервју за МИА.

Според министерот за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Орхан Муртезани, билатерализацијата на процесот на пристапни преговори во Европската Унија не станува проблем само за земјите кандидати, туку почнува да станува сериозен проблем и за самата Унија.

„Ние во неколку наврати заедно со премиерот сме се обиделе да објасниме дека преземените обврски во однос на спроведувањето на уставните измени стојат како такви, постои политичка волја и спремност тие да се носат, меѓутоа ние притоа мора да го заштитиме процесот од понатамошна билатерализација, особено од една дополнителна причина, бидејќи дизајнирањето на процесот на пристапување е во спроведување на одредени реформи и одредени европски стандарди“, истакна Муртезани во интервју за МИА.

Уставни измени со одложено дејство 

Во обид да се деблокира европскиот пат на земјава и таа да ги започне преговорите по првиот кластер „Основни вредности“, новата влада предложи решение за уставни измени со одложено дејство, кој неофицијално го доби називот „француски предлог плус“.

Предлогот превидува сега да бидат усвоени уставните измени, со кои во Уставот како еден од народите што живеат во земјава би се вметнале и Бугарите, но тие да стапат во сила откако Бугарија ќе го ратификува договорот за членство на државава во Европската Унија, по завршување на целиот процес на пристапни преговори.

Претставниците на ЕУ на барање за став по овој предлог, континуирани одговараа дека  „продолжувањето на пристапниот процес на Македонија зависи од уставните измени“, упатувајќи на заклучоците од самитот на ЕУ од декември 2023 година, во кои се нагласува дека „Европската Унија е подготвена да ја заврши фазата на отворање на пристапните преговори со  Македонија, веднаш штом таа ја спроведе својата заложба за комплетирање на уставните измени во согласност со нејзините внатрешни процедури, како што е наведено во заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година“.

На директно прашање на МИА за ставот на ЕУ за предлогот за уставни измени со одложено дејство, новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта порача дека „мора да работиме за целосно исполнување на обврските на Македонија“, кои се предуслов таа формално да ги отвори пристапните преговори и колку побрзо се спроведат реформите и се исполнат сите критериуми, толку побрзо ќе го завршиме процесот на проширување и секој од партнерите од Западниот Балкан ќе влезе во Европската Унија.

„Секако, неопходно е да се почитува она што Македонија го оствари и мислам дека е многу важно да се постигне зајакнување на довербата меѓу Македонија и нејзините соседи, особено Бугарија. Мора да работиме за да обезбедиме дека Македонија целосно да ги исполни своите обврски, кои се предуслов формално да ги отвори преговорите. Имам голема почит кон напорите што Македонија ги направи во минатото за надминување на пречките, особено со Грција. Тоа е земја кој дури го промени своето име за да ги надмине овие пречки“, нагласи Кошта.

И новата еврокомесарка за проширување Марта Кос, при претставувањето пред европратениците за време на сослушувањето пред да биде избрана, нагласи дека очекува земјава да го промени Уставот како што вети, за да може да продолжи на својот европски пат.

За предлогот за уставни измени со одложено дејство, премиерот Мицкоски посочи не постои ниту еден политичар од Брисел или од светот на кој кога ќе му се кажат аргументите и предлогот, рекле „не“ и дека тоа е „фер, разумно“-решение, но оти Софија не го прифаќа.

„Ние постојано аргументираме дека тој предлог не е спротивен на заклучоците, повторно ги кажуваме нашите аргументи за сето она од минатото, за сето она кое што го очекуваме да ни се случи во иднината, како ние сега би можеле да им објасниме на нашите граѓани дека ќе го менуваме Уставот поради оваа причина, поради овој аргумент дека неколку стотини наши сограѓани коишто за себе велат дека се дел од бугарската заедница треба да влезат како конститутивен елемент, а десетици илјади наши сограѓани во минатото и стотици илјади Македонци во Бугарија не можат да основаат ниту невладина организација“, вели Мицкоски.

Скопје прифаќа дијалог без ултиматуми, но не и за идентитетските прашања 

Премиерот Христијан Мицкоски од самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел порача дека Владата останува фокусирана на реформите и дека е подготвена да разговара за сè што е принципиелно за државата и граѓаните, но дека не прифаќа ултиматуми.

„Ги реафирмиравме нашите ставови дека ултиматуми не прифаќаме, дека сме подготвени да разговараме и подготвени сме да разговараме онолку колку што е потребно за да најдеме начин како да го отвориме првиот кластер, брзо да го поминеме тој процес на преговори и да станеме земја членка во Европската Унија“, изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека на сите средби ги изнесува нашите аргументи за евроинтегративен пат на земјава, но од неговите соговорници не добива контрааргументи за нив.

– Зборувам за план, којшто не е план само за првиот чекор. Јас сум подготвен да разговарам за план, којшто нас ќе не однесе до крај, бидејќи ние како држава не сме како сите кандидати, морате тоа да го признаете. Затоа што ние повеќе од две и пол децении сме дел од овој процес. Скоро две децении сме кандидати и никој досега немал билатерални договори во својата преговарачка рамка“, изјави Мицкоски, додавајќи дека ниту една држава досега не промени знаме, банкноти и име, како што направи нашата земја, што, според него, создава фрустрација кај граѓаните.

По самитот ЕУ-Западен Балкан, премиерот порача дека секој кој ќе отвори тема за идентитетските прашања не му мисли добро на соседот, а уште помалку ги почитува европските вредности.

„Доколку билатералните разговори и преговори се однесуваат на идентитетските прашања, тогаш тој процес никако не може да заврши успешно, бидејќи е поврзан со емоцијата, а не со рационалното. Секој оној процес којшто е поврзан со емоцијата, не може да биде процес којшто ќе се темели на напредок, на квалитет и на испорака на резултати“, рече Мицкоски.

Тој порача и дека треба да се разговара за билатерална соработка, од која ќе имаме реални опипливи резултати коишто ќе се темелат на прогресивен напредок.

Според Мицкоски, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија пропишуваат обврски не само за нас, туку и за другите страни, особено во однос на нивна безусловна поддршка на нашиот евроинтегративен пат.

Во интервјуто за МИА Мицкоски рече дека во 2025 е подготвен да се сретне со високи претставници на Софија, да разговара со нив каде било на оваа тема и да ги разгледаат сите можности, затоа што, како што посочи, потребно е и двете страни да се согласни.

„Но, истовремено по секоја цена нема да барам решение кое што дополнително ќе ни го отежне овој процес. Како прв човек на Владата – да, имам приоритет да почнеме преговори, да отвораме поглавја итн. итн., но, во секој договор мора да имаме јасен крај и предвидлив крај“, потенцира премиерот.

Според него, потребни ни се гаранции од Брисел и заеднички изготвен јасен план дека нема да има понатамошна билатерализација на процесот на пристапување и без да ги добиеме, додека тој ја води Владата и е на чело на ВМРО-ДПМНЕ, нема да има уставни измени.

„Без ВМРО-ДПМНЕ уставни измени нема да има, тоа треба на сите да им е јасно. Вака како што се конципирани – нема, и нема ни да има. Затоа што јас не сум авантурист, ни егзибиционист во мојот живот. Газам на цврста штица и ако носам каква било одлука таа одлука сакам да значи крај на еден процес, а не само почеток. Кога некој во Брисел ќе биде подготвен да разговара со мене за крај на процесот, тогаш и јас ќе бидам подготвен“, рече Мицкоски во изјава за медиумите.

И министерот Муртезани порача дека Владата е подготвена за суштински дијалог со Бугарија, кој треба да заврши со надминување на пречките на нашиот пат кон полноправно членство во Европската Унија, но притоа ќе бидат заштитени и интересите на двете земји.

На ваквите предлози за дијалог, бугарскиот премиер Димитар Главчев порача дека е добро „да се почне да се разговара за европските односи со добар европски тон, каков што треба да се користи меѓу држава членка и кандидат за членство во Европската Унија и повика при тоа да се намали „острината на изјавите“, пред сè од македонска страна, затоа што „јазикот на омразата не треба да продолжи“.

Според Главчев, Бугарија го поддржува проширување на ЕУ со Западниот Балкан врз принципот на почитување на условите за прием во Унијата.

Земјава останува посветена на европскиот пат и на реформите 

Новата Влада уште од преземањето на должноста порача дека е посветена на продолжување на патот кон полноправно членство на земјата во Европската Унија.

„Ќе продолжиме да работиме афирмативно и позитивно и ќе продолжиме да испорачуваме резултати, бидејќи тоа е главната порака од ЕУ дека од нас очекуваат резултати во делот на владеењето на правото, борбата со корупцијата, доброто владеење и сите оние политики каде што имаме сериозни недостатоци во државата“, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцински.

Опозициските партии кои до смената на власта по изборите во мај ја сочинуваа владината коалиција, исто така, порачуваат дека остануваат посветени на перспективите за членство на земјава во ЕУ и на деблокирање и забрзување на пристапниот процес.

СДСМ нагласува дека стратешка цел на партијата е европската иднина на земјата и „полноправно членство во ЕУ во 2030 година“, повикувајќи при тоа на политички консензус и обединување околу европската перспектива на државата. Според СДСМ, земјата сега има историска можност која ја чека долго време и не смее да ја пропушти.

„Преговорите со ЕУ се можност од темел да се трансформира и реформира нашата држава, на нашите граѓани да им овозможиме европски услови за живот и работа и тоа тука, дома“, порача СДСМ, апелирајќи европската интеграција „од надворешно-политички приоритет да стане внатрешна политика во сите области“.

Во своето обраќање на седницата на собранискиот Национален совет за евроинтеграции, чиј претседател е, лидерот на СДСМ, Венко Филипче најави дека европската агенда ќе биде приоритет на неговото претседавање со ова тело, кое, според него, е вистинското место за консултации и редовна комуникација во спроведувањето на евроинтегративните процеси.

ДУИ, исто така, ја потврдува својата, како што вели, непоколеблива посветеност на европската интеграција на земјата, апелирајќи до сите политички чинители да дејствуваат со одговорност, зрелост и одлучност во интерес на граѓаните и државата.

Политичка посветеност на земјата кон стратешката цел за интеграција во ЕУ беше нотирана и во „Пакетот за проширување“ на Европската комисија за 2024 година, кој вклучува и извештаи за напредокот на кандидатите за членство на европскиот пат.

Во извештајот е поздравена и „амбицијата“ на земјата да продолжи во процесот на пристапните преговори, за што „треба да ги спроведува суштинските реформи поврзани со членството во Унијата, да одржува добри односи со другите земји опфатени со процесот на проширување, како и да го продолжи својот ангажман во регионалните иницијативи“.

Во документот се нагласува и дека земјата е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и во однос на руската агресија врз Украина, со што испраќа јасен сигнал за нејзиниот стратешки избор за пристап во ЕУ и уште еднаш се докажува како доверлив партнер.

Планот за раст на Западниот Балкан и Реформската агенда 

Во рамки на Планот за раст на Западниот Балкан, што во 2023 година го промовираше Европската комисија како инструмент за поголема економска интеграција на земјите од регионот во Единствениот пазар на ЕУ, зајакнување на регионалното економско поврзување, забрзување на структурните реформи и за доделување поголема финансиска помош, земјава изработи Реформска агенда во која се наведени реформи што таа се обврзува да ги спроведе, од што ќе зависи исплатата на средства за финансиска поддршка.

Вкупната сума на средства за поддршка предвидени со Планот за до 2027 година изнесува шест милијарди евра за шесте земји од Западниот Балкан, од кои две милијарди евра во форма на неповратни грантови и четири милијарди евра во форма на заеми под поволни услови, кои се предвидува да придонесат за двојно зголемување на економскиот раст на регионот во наредните десет години.

Од вкупните средства, три милијарди евра ќе бидат достапни како директни заеми за националните буџети, а останатите три милијарди за наменска поддршка на инвестициски проекти преку Инвестициската рамка за Западниот Балкан (ВБИФ). Од овие шест милијарди евра, земјава би требала да добие 750 милиони евра, меѓу кои и првата транша во форма на претфинансирање во износ од 52,5 милиони евра.

Исплатите на овие средства, кои ќе се вршат два пати годишно, ќе зависат од исполнување на социо-економските реформи утврдени во Реформската агенда, кои се очекува да го забрзаат усогласувањето на земјата со законите, вредностите и стандардите на ЕУ, да ги зајакнат демократските институции и почитувањето човековите права и да ја зголемат нејзината економска интеграција со Унијата.

Македонската Реформска агенда доби висока оценка од Европската комисија и беше одобрена во втората половина на октомври, заедно со агендите на сите останати земји од регионот со исклучок на Босна и Херцеговина.

Според Министерството за европски прашање, одобрувањето на Реформската агенда претставува важен чекор кој значително ќе ја поддржува стратешката определба на земјата за европска интеграција, истовремено „интензивирајќи ја интеринституционалната соработка меѓу Северна Македонија и Европската комисија, со цел реализација на заедничките стратешки приоритети и долгорочни цели за целосно интегрирање во европските структури“.

Ефикасната и навремена имплементација на реформите утврдени со агендата се очекува да обезбедат просперитетна иднина за граѓаните и бизнисите, кои ќе ги почувствуваат придобивките од членството во ЕУ пред приемот во блокот, односно уште во текот на пристапниот процес.

Според претседателката Гордана Сиљановска-Давкова македонската реформска агенда е „најдобро оценета од Комисијата“, што претставува добар влог за доближување до европските критериуми, а со тоа и до влез во ЕУ.

Таа порача дека е неопходна поголема соработка на сите институции инволвирани во процесот на евроинтеграциите, вклучувајќи ги и невладиниот сектор, експертската јавност и претставници од ЕУ.

„Мислам дека вреди да се биде оптимист. Вие знаете колкупати јас сум ја критикувала Европската Унија дека после Солун немала вистинска стратегија за Западниот Балкан, дека доцнела, дека не преземала одговорност. Ова е мислам еден исчекор. Значи имаме агенда. Агендата, односно нејзиното спроведување велат дека не е невозможно. Разбрани сме, нè поддржуваат, нагласи Сиљановска-Давкова, изразувајќи увереност дека Планот за раст и Реформската агенда ќе можеме да ги направиме реалност, што особено позитивно ќе влијае на довербата кај граѓаните.

Потпишан Договорот за партнерство за безбедност и одбрана меѓу Северна Македонија и ЕУ

На 19 ноември во Брисел министерот Муцунски и тогашниот висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана меѓу Македонија и Европската Унија. Со ова станавме прва земја од Западниот Балкан што потпиша вакво партнерство со ЕУ, а по нас тоа во декември го стори и Албанија.

Пред тоа, кон средината на јули, за справувањето на земјава со шумските пожари ЕУ испрати и четири хеликоптери и три противпожарни авион од Хрватска, Словенија, Србија и Турција.

Упатувањето на овие летала беше спроведено во рамки Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, што, според тогашниот еврокомесар за справување со кризи Јанез Ленарчич, покажува како изгледа солидарноста на ЕУ во пракса.

Претходно, во мај, Европската комисија обезбеди позајмици за Македонија во износ од 50 милиони евра, наменети за поддршка на макроекономската стабилност на земјата и за спроведување на реформите поврзани со тековната програма на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Севкупно од 2020 година, ЕУ на земјава досега ѝ исплати околу 210 милиони евра поддршка во рамки на макрофинансиската помош.

Македонските граѓани и натаму веруваат во ЕУ

И покрај застојот во процесот на евроинтеграција и оценките за нефер однос на ЕУ кон земјава, мнозинството македонски граѓани имаат доверба во Европската Унија.

Резултатите од есенското истражување на Евробарометар за 2024 година, покажуваат дека доверба кон Унијата изразуваат 56 отсто од жителите на земјава.

Ваквите резултати укажуваат на раст на довербата на македонските граѓани кон ЕУ во споредба со 2023 година, кога 48 проценти од анкетираните изјавиле дека имаат доверба кон блокот, што пак беше зголемување за еден процентен поен во однос на анкетата во 2022 година.

МИА

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ