сабота, 21 декември 2024

Македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ ќе се дистрибуира и во САД  

Објавено на

часот

Сподели

Веста за склучените договори за дистрибуција на филмот доаѓаат пред неговата светска премиера, која ќе се одржи на 6 септември на 80. издание на филмскиот фестивал во Венеција. „Домаќинство за почетници” ќе биде дел од натпреварувачката програма „Хоризонти“ и ќе биде во конкуренција за наградите за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио, специјална награда од жирито и најдобра машка и женска улога.

Ова е третиот долгометражен филм на режисерот Столевски и прво негово македонско мнозинско остварување. Неговиот дебитантски филм „Нема да си сама“ (You won’t be alone) беше премиерно прикажан на Санденс филмскиот фестивал (Sundance Film Festival) во 2022 година, а истата година, неговиот втор филм „Доволно возрасни” (Of an Age) го отвори Меѓународниот филмски фестивал во Мелбурн. И двата филма беа интернационлано дистрибуирани од страна на Фокус и Јуниверзал.

Фокус е дел од Јуниверзал и е компанија за филмска продукција и дистрибуција, чиј фокус при дистрибуцијата се независни и странски (не-англиски говорни) филмови во САД и на меѓународно ниво. Двете компании заедно се се дел од NBCUniversal, една од водечките светски компании за продукција, маркетинг, забава, вести и информации за глобална публика.

„Домаќинство за почетници” е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, а продуцент на филмот е Марија Димитрова од Лист продукција – Скопје.

Филмската приказна на Столевски се занимава со универзалните вредности на семејството – она во кое сме се родиле и она кое самите сме го избрале. Дита никогаш немала намера да биде мајка, но сега околностите ја присилуваат да ги згрижи малата немирна Миа и бунтовната тинејџерка Ванеса, ќерки на нејзината девојка. Гледаме битка помеѓу три своеглави жени кои полека прераснуваат во семејство и ќе сторат сѐ за да останат заедно.

Главните улоги во филмот ги толкуваат: Анамариа Маринка (позната по филмот “4 месеци 3 недели 2 дена” (2007) на Кристиан Мунгиу) и Алина Сербан од Романија, Владимир Тинтор од Хрватска, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од Македонија. Во споредните улоги се: Сара Климоска и Ајше Усеини од Македонија и Розафа Целај од Косово и многу други професионални и непрофесионални актери од Македонија.

Македонски автори кои работеа на филмот се Горан Столевски, кој покрај тоа што е режисер, се појавува и во улога на сценарист и монтажер, Наум Доксевски – директор на фотографија, Роза Трајческа Ристовска – костимограф, Александра Чевреска – арт директор и Горан Игњатовски – маскер.

Покрај нив, авторската екипа на филмот ја сочинуваат: Ана Жежничек од Полска како сценограф, Леонора Мехмети Хоџа од Косово како дополнителен маскер, Ален Синкауз и Ненад Синкауз од Хрватска како композитори, Зоран Максимовиќ од Србија како снимател на тон и Ема Бортињон од Австралија како дизајнер на звук.

Филмот дополнително е поддржан и од Полскиот филмски институт, Филмскиот центар на Србија, Хрватскиот аудиовизуелен центар, Косовскиот кинематографски центар. Останатите партнери се: Madants (Полска), Kinorama (Хрватска), Sense Production (Србија), Industria Film (Косово), Tango (САД), Film I Väst и CommonGround Pictures (Шведска), Causeway Films и Adelaide Film Festival (Австралија).

New Europe Film Sales од Полска ги има светските права за продажба на филмот.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ