сабота, 27 јули 2024
Стефан Влахов Мицов

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Maкедонскиот феникс меѓу уништувањето и самоуништувањето

Во времето пред осамостојувањето, единствени кои предупредуваа за гибелта на македонската држава и македонскиот народ беа малку на број македонски интелектуалци.

Пред да замине од овој свет Блаже Конески ја прогнозира и судбината на Македонија и својата судбина:

Ќе дојде време на лажни пророци

што божем во мое име

ќе ве збираат по плоштадите,

ќе креваат врева до небеси,

ќе се буфтаат во градите,

немојте да им верувате!

(„Лажни пороци“)

2021 година беше прогласена за година на Конески (во врска со 100-годишнината од неговото раѓање) токму од тие, кои во последните години го избришаа македонскиот јазик, понижувајќи го до „службен јазик“ и „бугарски дијалект“.

Анте Поповски (почина на 1 октомври 2003 г.) си замина со очајна надеж: „Доколку наредниве дваесетина години Република Македонија, со умна и далековидна политика, успее да се зачува како држава во која доминира македонскиот национален супстрат – кријам големи надежи“.

Петре М. Андреевски (почина на 25 септември 2006 г.) горчливо констатира: „Значи, ние сѐ уште се однесуваме како мутанти, како недоосмислени човеколики суштества кои се срамат од себеси, од својата историја и од сите духовни вредности што сме му ги дале на човештвото. Супериорни сме само во подмолните предавства, и тоа за една привилегија или интерес“.

Гане Тодоровски (почина на 22 мај 2010 г.) направи заклучок: „Ние, Македонците, доколку што уште не има, не сме саглам милет, не сме успеале да внесеме корекции, ама баш никакви, во нашето пословично лесноверие, па плаќаме и уште ќе плаќаме висок, та превисок данок на додатна наивност“.

Спомнатите македонски великани си заминаа маргинализирани од политичките власти, затоа што нивното творештво и предупредувања беа спротивни на тесните партиски цели и на поставената стратегија од Западот за македонската ликвидација.

Тоа одлично го покажа Блаже Миневски во романот „Свирци“ – најпроникливата македонска творба за целиот тој процес. Оркестарот за погреби, во кој ги гледаме ликовите на Киро Глигоров, Бранко Црвенковски, Љубчо Георгиевски, Никола Груевски, Зоран Заев (тамбурашот, шупелкарот, зурлаџијата, тапанарот и свирачот на дудук) шета низ цела Македонија и свечено, во присуството на одбрана домашна публика и странски фактори, го погребува нејзиното минато – од антиката до сегашноста. По погребот, конкретниот археолошки или историски објект исчезнува, а со тоа се брише и меморијата за него, а публиката „ужива гледајќи како пред неа се менува историјата“.

Капак на апокалиптичната слика се фалбите на З. З.: Леле, какви убаи предавства имам праено! Лелеее, какви предавства имам правено за овој народ! Бати народот, бати! Пис-народ, браќа, неблагодарен, другари и другарки, ништо не признава! А бе биста што е биста уште ми нема напраено; за споменик дума не става… Ако не бев јас, чоече, историјата, ич право, ќе ни беше за никаде, браќа!… Просто не можам да се нарадувам, да се изначудам на себеси, на јунаштвото, чоече, просто не можам да верувам колку сум ја задолжил историјата, уште пет века ќе ми биде должна, вечно ќе ми биде должна, чоече!

Поетот Раде Силјан остана доследен и последен во својата донкихотска борба против ураганот врз Македонија. Уште во 1990 гodina тој предупредува: „За нас и слободата е претешка задача“ (Тоа ни било пишано). Девет години подоцна, додава: „Си имаме многу татковини/ Сѐ си имаме/ А утре/ Можеби народ ќе немаме“ (Лажно време). Во 2013 гoдина само со неколку стихови, Силјан ја карактеризира македонската трагедија: „Во земја/ На мраморни глави/ Поразот/ Како победа се слави“ (Трн од слепо око). Пак тогаш бележи:

Часовникот на небото

Забрзано ги отчукува

Последните мигови

На народот проколнат

(Довикување)

Во 2019 година во стихозбирката „Бакнежот на судбината“ ја наоѓаме и поентата на македонската приказна: „Потоа сѐ ќе биде лага/ Зашто нашето семе /Ко прашинка на патот /Ветрот ќе го одвее“ (Ако пропее тагата).

„А го разбраа ли доволно досега поетот Раде Силјан? Го разбраа ли? Го прочитаа ли? Го разбраа ли она што досега го испеа последниот македонски гуслар? Разбраа ли воопшто што испеа последниот македонски гуслар?“ – праша Весна Мојсова-Чепишевска во својот поговор кон „Бакнежот на судбината“. Го прочитаа. Но не го разбраа. Затоа што не сакаа да го разберат. Како што не сакаа да ги разберат и претходните македонски великани Блаже Конески, Ацо Шопов, Анте Поповски, Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски. Силјан го кажа тоа уште во 1999 г. во стихозбирката „Пресликано време“: „Сѐ е кажано /Сѐ е чуено /Ништо не е разбрано“ (Давеници). Затоа и

Последниот македонски гуслар

Свири на гусла без струни

во татковината на молкот

(Последниот македонски гуслар)

 

Како неприфатена порака од живите македонски генерации звучи песната на Петре М. Андреевски:

Не е срамно ако умреме до еден,

но голем срам е, ести голем

ако останеме без името наше

од кое уште се плашат ко од чума.

А без име векутуми, а без него

И гробовите ќе ни бидат празни.

(Варвари)

 

Пораката на поетот остана неприфатена, затоа што ние во последните три децении сме оперирани од чувството за срам, т.е. за човечко индивидуално и национално достоинство. Во суштина видувањата, предупредувањата и пораките на македонските великани се за едно идно време кога:

Од некое ќоше

Ќе се појави глава

На воин дете

И по многу години

Со меч во рака

Ќе го убие злото на векот

(Преселби)

 

И пак, според пророчките видувања на Раде Силјан за иден македонски преродбенски циклус:

Народ со славно име

По крвава патека ќе мине

Пред сенката на векот

До целта сам ќе стигне

(Видовита песна)

 

Стефан Влахов Мицов

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Тoплински острови во градовите

Дарко Митревски

Да не се лажеме

Стефан Вељановски

Зошто треба да инвестираме повеќе во жените од руралните подрачја?

Бојан Блажевски

Чечичен молк: Долг е патот до автопат

Наташа Јаневска

Пет проценти од буџетот на државата за образованието е клучот за...

Шанг-Јин Веи

Дaли атентатот ќе му донесе победа на Трамп?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ