сабота, 26 октомври 2024

Македонската статистика е високо усогласена со европската, оцени Европската Комисија

Објавено на

часот

Сподели

Како што соопшти Државниот завод за статистика (ДЗС), Поглавјето 18 – Статистика, било разгледувано на објаснувачкиот состанок со претставниците на Европската Комисија (ЕК) – Евростат на 16 септември 2022, а потоа во ноември се одржал билатералниот состанок со Евростат во Луксембург.

Она што го забележува Европската комисија и што го препорачува, наведуваат од ДЗС, е алокација за соодветни ресурси за да се постигне целосна усогласеност со европското законодавство. И во оценките на посебните домени на статистичката продукција, се наведува понатаму, ЕК констатира високо ниво на усогласеност и препорачува натамошни активности за постигнување на целосна усогласеност, наведуваат од ДЗС.

„Ова е уште една потврда, како што впрочем Европската комисија во последниве пет години констатира и во годишните извештаи за напредокот на Македонија, дека Државниот завод за статистика, како главен носител и координатор на Националниот статистички систем, е високопрофесионална институција во рамките на органите на државната управа во Република Северна Македонија, која со право го заслужува епитетот на рамноправен член на европското статистичко семејство применувајќи ги европските принципи и стандарди во работењето како и сите други статистички институции на земјите членки на ЕУ“, посочуваат од ДЗС.

Сите овие резултати и високи постигнувања, додаваат од оваа инстуција, се плод на максималната ангажираност и посветеност на сите вработени во институцијата кои постојано целосно се вложуваат за постигнување на поставените цели и покрај сите пречки со кои институцијата се соочува веќе подолг период, а кои, пред сè, се однесуваат на хроничниот недостиг на стручен кадар, недоволните финансиски средства за реализација на статистичките истражувања и за воведување на нови.

„Сепак сме горди и задоволни од постигнатото и со надеж дека на отворањето на Поглавје 18 во преговарачкиот процес со ЕУ, ќе имаме постигнато целосна усогласеност со европското законодавство во областа на статистиката“, наведуваат од ДЗС.

Скрининг процесот за Кластерот 1 се спроведе во периодот од септември до декември 2022 година. Во Кластерот 1 – фундаментални вредности покрај Поглавјето 18 – Статистика се опфатени и Поглавје 23 – Судство и фундаментални права, Поглавје 24 – Правда, слобода и безбедност, Поглавје 5 – Јавни набавки и Поглавје 32 – Финансиска контрола.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ