понеделник, 26 февруари 2024

Македонската партија во Албанија бара проширување на истрагата за лажните потврди за бугарско потекло

Уште е силно ехото по обелоденувањето на скандалот со давањето лажни потврди за бугарско потекло во Острени, Голо Брдо, од лица вработени во албански институции. Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), бара „проширување на полициската акција и во други општини и региони во Албанија, каде што се одвиваат слични незаконски активности“.

Објавено на

часот

Сподели

Претседателот на партијата Васил Стерјовски за МИА вели дека во 2017 година, под закана со вето на Албанија на нејзиниот европски пат, Бугарија издејствува признавање на непостоечко бугарско малцинство, иако на ниту еден попис во Албанија, ниту еден граѓанин не е деклариран за Бугарин.– Една од мерките за создавање на вештачко бугарско малцинство во Албанија, која Бугарија ја применува, користејќи ја неповолната економска состојба на македонското малцинство во Албанија, но и на албанските граѓани заедно, е преку давањето на бугарски пасоши за сите албански граѓани. Македонците и Албанците плаќаат илјадници евра да можат да земат бугарски пасош и да одат да работат на Запад, користејќи ги привилегиите на земјите членки на ЕУ. Ова е бизнис вреден милиони евра, вели Стерјовски за МИА.

На сите албански граѓани кои аплицирале за бугарски пасоши почнало да им се бара потврди за бугарско потекло издадени од општините каде што живеат.

„Градоначалниците на општините, администраторите на административните единици дури и претседателите на месните заедници, иако немаа никаква ингеренција, за пари започнаа да издаваат вакви потврди. Јавна тајна е дека урнекот како да изгледат потврдите за бугарско потекло ги изготвуваше бугарската амбасада во Тирана, која преку посредниците на бугарските пасоши, кои се албански граѓани и луѓе со власт, ги доставуваа до локалните власти за потпис. Уште на самиот почеток пред две години, како партија реагиравме кај албанските власти за овој незаконски и коруптивен феномен кој наголемо се спроведуваше во албанските општини, барајќи од надлежните институции да го спречат ова оти Бугарија фиктивно се обидува да собере што повеќе вакви потврди се со цел за да прикаже дека во Албанија живеат Бугари“, нагласува Стерјовски.

Благодарение на албанската телевизија „Топ ченл“ се откри дека само општина Булќиза има издадено илјадници вакви потврди, за што МАЕИ изразува благодарност за откриениот скандал.

Оценува дека доколку „целиот овој скандал не излезеше јавно на телевизија не веруваме дека албанските институции ќе превземеа некоја мерка да се спречаат овие незаконски и коруптивни активности“.

„Бараме надлежните органи да ја прошират истрагата не само за незаконското издавање на потврди за бугарско потекло туку и за влијанието што групата на посредници на бугарски пасоши го имаше за време на пописот на целата територија на Албанија, кои користејќи ја и моќта на власта имаа инсталирано и свои попишувачи и вршеа притисок, закани и поткуп врз албанските граѓани да се декларираат за Бугари“, апелира Стерјовски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ