„Историската“ димензија на овој настан беше согледана во фактот што за дел од стиховите во македонската химна, македонската и бугарската историографија имаат различна перцепција и наративи, што од 2019 година прерасна во спорна точка во македонско-бугарските односи и причина за нова блокада од страна на Бугарија на македонските евроинтеграции.
Бугарската страна, преку заедничката историска комисија ( произлезна од Договорот за добрососедство) ги наметна историските прашања ( од кои некои се наведени и во македонската химна), како услов за напредување на Македонија во процесот на евроинтеграциите. Ликови и настани од македонската историја, кои се споменуваат во македонската химна, а се предмет на разгледување на историската комисија се: Крушевската република, Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев и Јане Сандански, кои се наведуваа во втората строфа.
Македонската химна „Денес над Македонија се раѓа“ и државната химна на Бугарија – „Мила родино“, ги извела македонската интерпретаторка Агни Авшар, која има дипломирано на Музичката акдемија во Скопје во 2019 година.
Текстуалната изведба на химните, од присутните присутните на приемот била забележана како позитивен гест, заклучок кој го споделиле и дел од странските дипломати на приемот.
Овој позитивно протолкуван гест оди на „сметка“ на новиот амбасадор на Бугарија во Македонија, Желјазко Радуков, кому ова му е прв официјален прием по повод националниот ден на Бугарија, откако во септември минатата година ги предаде акредитивите кај македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова.
Очекуваниот развој на дипломатска комуникација меѓу Македонија и Бугарија, околу „олабавување“ на условот за уставните измени за отворање на поглавјата од македонската преговарачка рамка на ЕУ, ќе покаже колку навистина текстуалната изведба на македонската химна на настан на бугарската амбасада бил позитивен.
Ј.П.