четврток, 13 март 2025

Македонска филхармонија: Лицитацијата на функции без утврдени критериуми е навреда за дејците во културата

Лицитацијата на функции без спроведување на законска процедура со јасно утврдени критериуми е навреда за дејците во културата, а во таа насока и за нас, вработените во Македонската филхармонија, се наведува меѓу другото во отвореното писмо на мнозинството вработени во Филхрамонија упатено денеска до премиерот Христијан Мицкоски и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

Објавено на

часот

Сподели

Во отвореното писмо потпишано од сто вработени од вкупно 120, уште се бара „да не се повтори погубната практика на кадровски грешки кои беа составен дел од водењето политика во минатото“.

„Уште во јуни, пред формирањето на новата Влада, Изет Меџити јавно објави дека Вреди ја ‘добил’ Филхармонија и дека Мустафа Имери ќе биде првиот Албанец, кој ќе раководи со институцијата. Оваа скандалозна објава ја урива легитимноста на конкурсот кој сѐ уште е во тек, бидејќи името на Имери сѐ уште фигурира низ кулоарите како сигурна и договорена опција за директорското место на нашата институција. Директор на нашата институција треба да се избере според законски утврдена процедура со вградени критериуми од страна на ресорното министерство. Секој друг начин за избор со кој се прескокнуваат највисоките скалила на одлучување е голема храброст или дрскост. Лицитацијата на функции без спроведување на законска процедура со јасно утврдени критериуми е навреда за дејците во културата, а во таа насока и за нас, вработените во Македонската филхармонија“, се наведува во отвореното писмо.

Според потписниците на писмото, директор на Филхармонија легитимно се избира на конкурс, и треба да се избере кандидатот со најдобра програма и професионални квалификации и референци.

„Македонска филхармонија е единствен државен симфониски оркестар во земјата, кој осум децении освен што ја промовира класичната музика на највисоко ниво, е и главен промотор и на македонската музичка мисла и на домашните композитори и изведувачи од нејзиното основање до денес. Со изградбата на новата концертна сала, музичарите ги добија сите неопходни услови за работа. Сонот на нашите претходници, на низа генерации музичари конечно стана реалност, нивниот сон го живееме ние денеска, одржувајќи ја во живот богатата македонска музичка традиција. Македонската филхармонија е национален симбол, таа е столб на македонската култура, наш најголем амбасадор во светот. Токму поради тоа, за нас е исклучително важно кој ќе застане на чело на нашата институција, бидејќи тоа ја одредува насоката во која ќе продолжиме да се движиме во иднина“, се наведува во отвореното писмо што мнозинството вработени во Македонска филхармонија го упатија денеска со премиерот Христијан Мицксоки и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ