сабота, 27 јули 2024
Молебен на гробот на Свети Кирил

Свети Кирил на ум имал обединување на сесловенскиот свет, рече Сиљановска Давкова во Рим

Пораката на Кирил дека јазикот е код на разбирање е доказ дека тој на ум имал обединување на сеслосвенскиот свет, рече претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова денеска во Рим по молебенот на гробот на Свети Кирил во базиликата „Свети Климент“ во Рим, што ја одржа митрополитот дебарско-кичевски, Тимотеј. Членовите на делегацијата се поклонија на гробот на Кирил.

Објавено на

часот

Сподели

„Кирил бил со векови предвремето, Кирил го вградил не само својот живот, туку и нашиот живот на некој начин во Европа пред многу, многу векови и тоа мора да го почитуваме“, изјави денеска претседателката Гордана Сиљановска Давкова по молебенот во чест на Свети Кирил, во базиликата „Свети Климент“ во Рим, каде се наоѓа и гробот на сесловенскиот просветител.

Молебенот го предводеа митрополитот Тимотеј и митрополитот Европски, Пимен, а  присуствуваше претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова која ја предводи државно-црковната делегација во Рим во рамки на одбележувањето на Денот на сесловенските просветители, Светите браќа Кирил и Методиј. Сите се поклонија пред гробот на Свети Кирил.

„Тоа мораме да го почитуваме. На Кирил му било јасно значењето на зборот, на речта, на мислата, бидејќи тоа значи обединување, разбирање, слушање говорење“, рече Сиљановска Давкова.

Таа нагласи дека пораката на Кирил дека јазикот е код на разбирање е доказ дека тој на ум имал обединување на сеслосвенскиот свет.

„Тие му припаѓаат на него и тој им припаѓа на сите, рече Сиљановска Давкова по молебенот на кој имаше нашинци од Италија и Австрија, како и македонски верници, кои тука се присутни специјално за одбележувањето на Денот на Светите Кирил и Методи.

Потоа, Сиљановска Давкова и државно-црковната делегацијата кои се во посета на Рим и Ватикан по повод одбележувањето на Денот на сесловенските просветители, Светите браќа Кирил и Методиј, положија венец цвеќе пред спомен-плочата на македонски јазик во чест на делото на Светите браќа Кирил и Методиј која се наоѓа во базиликата „Санта Марија Маџоре“.

Митрополитот Европски, владиката Пимен, кој заедно со митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј, го водеше молебенот пред гробот на Сети Кирил, порача дека овој настан се организира по 56 пат и особено е значаен од теолошка смисла за нас.

„Токму тука, каде се почива Свети Кирил е победена тројазичната ерес. Тоа покажало дека на секој јазик може да се слави Господ Бог и со тоа се дава можност секој човек на свој јазик да слушне за Господа и да не биде само пасивен посматрач, туку активено да може да се посвети на службата“, рече Пимен.

Тој нагласи дека освен од теолошка страна секако делото на Кирил е значајно за нас како македонски народ, затоа што ни е овозможено да се користиме со кирилицата и затоа што, како што посочи, сме останале посебен дел од сите словенски народи со свој макеодонски литературен јазик, кој не е копија на ниту еден друг.

За време на молебенот владиката Тимотеј рече дека „се обраќаме со љубов и почит“ и праша што треба уште да направиме.

„Денеска ги слушнавме зборовите на Исуса дека не се пали светило за да се стави под поклоп туку се става на светилник за да им свети на сите в куќи. И Бог не го запалил светилникот што ни го врачил преку светите браќа Кирил и Методиј за да го покриеме туку за да го осветлува нашиот живот и да ни биде светлина за спасение. Ќе го ставиме ли ние тој светилник под поклопец? Ќе го направиме ли ние неполезен за нас? Нема ли да го земеме светилникот што светата Црква на секој еден ни го дава како Божјо благословение, за да го поставиме на лично и високо место во нашиот живот“, порача владиката Тимотеј.

„Таква нова ѕвезда и таков нов светилник за сите словенски народи се браќата св. Кирил и Методиј. Двата рамноапостолски светители се најголемите благодети за нашиот народ, бидејќи тие се светлина кои им даваат зрак на луѓето за да го видат неопфатливото Божјо небо. Тие се Божји угодници и покровители на нашиот народ и се светилници кои ни се дадени од Божјата рака за да ги осветлуваат сите патишта во нашиот живот, рече митрополитот Тимотеј.

„Овие светилници, продолжи Тимотеј, биле благослов за нашиот народ уште пред многу векови. Светлината на светикирило-методиевото дело никогаш не згаснувало во животот на македонскиот народ, во животот на нашите свети манастири и во нашите скромни храмови. Ова дело продолжувало да свети за да биде надеж и верба за подобри времиња и црковно-национална слобода за време на долгите страдања и ропскиот период.

„Ние го почитуваме делото на светите браќа Кирил и Методиј и им го признаваме извонредното значење за ширењето на христијанската култура и за просветната христијанизација. Нивното дело е почитувано со благодарност преку изобразувањето на нивните свети ликови по нашите цркви и манастири, а на денот на нивниот спомен, но и секојдневно,  ние им се обраќаме со љубов и почит“, истакна Тимотеј.

Светилникот на св. Кирил и Методиј, односно служењето, посочи тој, треба да ги осветлува и сите ходници на нашиот живот по кои влегуваме и излегуваме.

„Да не бидеме невнимателни кон христијанското звање, кое секогаш оживува кога врз него ќе падне светлината од големата ламбада на светикирило-методиевото дело“, рече Тимотеј, нагласувајќи дека само така ќе одадеме слава и чест и молитвен поклон на светите сесловенски учители – тие сјајни ѕвезди на небесниот свод над нашиот народ и само така правилно ќе ги внесеме во верскиот живот неугасливите светилници што се запалени од Божествената светлина, за да бидат светилници на нашата лична, семејна и општествена судба.

„Светите браќа Кирил и Методиј да бидат покровители за напредокот на нашиот народ, на нашата словенска просвета и култура, за нашата православна Црква и за нашата држава. Тие да бидат застапници пред Бога за едномислие меѓу словените и за мир во целиот свет, онака како и што ги молиме во нивниот тропар. Амин“, рече Тимотеј.

Претседателката Сиљановска Давкова ја посети и базиликата „Санта Марија Маџоре“, каде положи венец на спомен – плочата на македонски јазик во чест на делото на Светите браќа Кирил и Методиј.

Во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“, претседателката Сиљановска Давкова вчеравечер во салата „Балдини“, присуствуваше на концертот на Националната установа „Камерен оркестар од Битола“ со солистот Нада Талевска – Спасовска, кои настапија со македонски народни песни во нивни аранжман, а во организација на Министерството за култура.

Попладне претседателката Сиљановска Давкова ќе оствари средба со претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ