сабота, 27 јули 2024

Македониум објави напис од Дико посветен на Стерјо Спасе

Македонскиот весник Македониум, пренесува напис на Владимир Дико, посветен на Стерјо Спасе, еден од најпознатите албански писатели со македонско потекло.

Фото: Весник Илинден

Објавено на

часот

Сподели

„Го избрав Стерјо Спасе со романот ‘Покрај езерото’. Се работи за големото Преспанско Езеро, во областа Мала Преспа каде има девет македонски села во кои живеат само Македонци“, пишува на почетокот од својот напис Дико посветен на Спасе.

Тој наведува дека Стерјо Спасе е роден во село Глобочени, општина Пустец, во Мала Преспа, Албанија и додава дека селото на Дико, Ракицка, било единственото соседно албанско село со нив.

„Имавме големо пријателство со нив, го зацврсти Народно-ослободителната борба и годините на социјализмот. Тие почнуваат со селата Церје, Зрноско, Леска, Пустец, Шулин, Глобочени, Горна Горица, Долна Горица и Туминец. Имавме размена на култура, образование, фолклор, леб и сол и отворени врати на пријателство и братство“, оценува тој.

За него, како што појаснува, Стерјо Спасе е еден од најомилените писатели.

„Иако е Македонец, неговото дело е напишано на многу чист, префинет албански јазик. Голем интернационалистички писател. Романот ‘Покрај езерото’ зборува за годините 1947-1949. Тогаш во сите овие села биле основани земјоделски задруги и 4-годишни и 7-годишни училишта. Романот верно ги отсликува тие години полни со импулс и жртви за градење на новиот социјалистички живот, без бегови и аги. Романот ми ги враќа годините од детството. Во 7-годишното училиште учевме заедно“, пишува Владимир Дико.

Стерјо Спасе е роден во село Глобочени, Мала Преспа во 1914 а починал во Тирана, 1989 годна. Тој е и еден од основоположниците и најзначајните претставници на современата албанска литература. Познат е и како антологичар, преведувач, учебникар и собирач на македонски народни умотворби во Мала Преспа.

Покрај во Албанија, се школувал на Универзитетот Флоренца во Италија, додека магистрирал во тогашниот Советски Сојуз СССР денешната Руска Федерација. Автор е на петнаесеттина романи и многу раскази. Негово најпознато книжевно дело е романот „Од живот за живот – зошто?”, кој е напишан во вид на дневник и се фокусира на една трагична дилема на млад интелектуалец на село. И неговиот син Илинден Спасе, универзитетски професор во пензија, пишува на албански и на македонски јазик. Автор е на повеќе збирки раскази. Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Синот на Илинден, Аријан Спасе е дипломат од кариера.

Во 2019 година, тогашниот албански претседател Илир Мета, постхумно го одликува со признанието „Витез на редот на знамето“. Тогаш Мета рече дека неговиот познат роман „Зошто” го најавил создавањето на современа литература во Албанија, додавајќи дека Стерјо Спасе е значајна личност не само во Албанија туку на Балканот и Европа.

Во неговото родно село, во март пред две години беше пуштен во употреба Музејот на Стерјо Спасе, реконстрираната училишна зграда каде што учел која станува сѐ попосетена туристичка дестинација.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ