Бојана Скендеровски вели дека оваа песна е повеќе од песна, таа е химна… Во себе ја содржи сета вистина за Македонија!
„Заветна“ е дел од проектот „Македонијо во срце те носиме“ и нејзиниот нов аранжман, како впрочем и на целиот проект, го потпишува маестро Николче Мицевски.
„Сакам да изразам огромна благодарност до Миле и Георги Барбаровски кои ни оставија вакво музичко, брилијантно дело. Апелирам Пепи Бафтировски постхумно да добие награда за посебен придонес во музиката како национален уметник од државата. „Заветна“ е песната која ги обединува Македонците на секоја точка во светот, таа во исто време ти предизвикуваа милион различни емоции, те тера и да плачеш, и да бидеш силен, и горд на тоа што си. Прв пат ја отпеав во 2011 година во емисијата „Зајди, зајди“ и се сеќавам дека сега веќе покојниот Милан Завков ми рече: ‘Бојана браво, како се сети на песната, јас го снимав студискиот дел од аранжманот кога ја подготвуваме за Пепи…’ Инаку, сакам да се заблагодарам на целиот наш тим кој работи на овој проект, на мојот и наш продуцент Васко Скендеровски, на Николче кој направи чиста уметност со преработките, на техничката екипа која работи на аудио и видео делот од проектов, на моите колеги кои беа вистински професионалци, на тимот кој го работи ПР-делот и кој е задолжен сето ова да допре до публиката, и на сите медиуми кои ни даваат безрезервна поддршка… И на крај огромна благодарност на целиот македонски народ што го сака „Македонијо во срце те носиме”!“, вели Бојана.
Скендеровски продукција е носител на проектот „Македонијо во срце те носиме“, а во чии рамки се препеани 12 македонски легендарни песни, во изведба на 12 изведувачи, и од светот на забавната и од светот на народната музика. Меѓу изведувачите кои публиката допрва треба да ги слушне и види се и: Сузана Спасовска, ДНК, Андријана Јаневска и Зуица Лазова.
Веќе се најавува и концертниот караван кој под истото име „Македонијо во срце те носиме“ ќе гостува во неколку македонски градови.