недела, 8 февруари 2026

Зоран Заев со „демант на лагите на ВМРО ДПМНЕ“ – бара извинување за „сите лаги, клевети и навреди“

Веќе пет години сум надвор од политиката, откако поднесов оставка од сите политички и државни функции. Пет години, речиси секој ден откако заминав, партијата ВМРО-ДПМНЕ, нејзиното раководство, нивните портпароли и медиуми не престануваат да се занимаваат со мене, ширејќи континуирани лаги, клевети и навреди, се огласи на социјалните мрежи поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, по поврзувањето на неговото име во јавноста со запленетите 40-ина тони марихуана во Србија и Македонија минатата недела.

Објавено на

часот

Сподели

„Јавно барам извинување од пратеникот Петрушевски и од партијата ВМРО-ДПМНЕ за сите тие лаги, клевети и навреди, вклучително и намерната злоупотреба на моето име во таа режирана драма околу конфискацијата на десетици тони медицински канабис, поради наводно несоодветно чување и складирање.

Безобразна лага е дека сум на кој било начин поврзан со случаите со канабис што беа презентирани пред јавноста.

Безобразна и дрска лага е дека сум се јавувал во Царинската управа.

А без никаков срам, подеднакво одвратни се и останатите нивни лаги за мене, кои ги повторуваат речиси секојдневно откако се повлеков од политиката, а посебно во овие скоро две години колку што се на власт, како онаа дека градам некакви облакодери од 40 ката во Дубаи, дека вршам притисок за купување на болницата на д-р Жан Митрев, дека се мешам во работата на правосудните и други институции, како и уште низа други измислици и конструкции“, вели Заев во објавата на Фејсбук.

Тој нагласува дека трпи секојдневни навреди веќе пет години.

„Сите знаат дека никогаш не сум сакал да тужам, се борев за слобода на говорот. Никому не сум му се одмаздил за она што ми го направија на 27 април во Собранието, никогаш не сум ја злоупотребил политичката позиција, но сега е доста!

Доколку не се извинат во законски предвидениот рок, ќе поднесам тужба против Петрушевски и ВМРО-ДПМНЕ. Ќе се борам со сите правни средства да ја симнам оваа дамка од моето име“, порачува категорично Зоран Заев.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ