Дабиќ е еден од најискусните македонски амбасадори од кариера. Најголемиот дел од својот тридецениски работен век во Министерството за надворешни работи го има посветено на спроведување на процесот на интеграција на Република Македонија во НАТО. За време на неговиот мандат како амбасадор на Република Македонија во НАТО, на Самитот во Брисел во 2018 година Македонија најпосле ја доби поканата за членство во Алијансата.
Зоран Дабиќ исто така беше и амбасадор на Македонија при ОН и ОБСЕ во Виена. Меѓу неговите постигнувања во ОН би можеле да се издвојат значителните финансиски грантови, обезбедени преку УНИДО за повеќе развојни проекти во Македонија, како што беа изградбата на Центарот за томографија на позитронска емисија во Скопје (т.н. ПЕТ центар) и дислокацијата на отровниот линдaн од почвата во дворот на фабриката ОХИС во Скопје.
Во рамките на својот мандат во ОБСЕ, амбасадорот Дабиќ во 2010 година успеа со консензус да го смени името на Мисијата во Скопје, од Мисија за набљудувања на прелевањата (на непријателства од Косово, н.з.) во Мисија на ОБСЕ во Скопје.
Како претседавач на Форумот за безбедносна соработка на ОБСЕ во Виена, амбасадорот Дабиќ во 2012 година изградил консензус помеѓу 57 земји членки, вклучително САД и Русија, во областа на градење мерки за доверба во безбедноста, за значително зголемување на бројот на воени вежби на земјите членки на ОБСЕ што ќе бидат отворени за странски воени набљудувачи.
Во неговата матична куќа, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, амбасадорот Зоран Дабиќ ќе остане запаменет како дипломатот кој што го има изготвено текстот на Договорот за стратешко партнерство со САД од 2008 година и како првиот претседател на Македонскиот дипломатски синдикат, во чии рамки жестоко се залагаше за унапредување на стандардите во македонската дипломатија и враќање на угледот, професионализмот и интегритетот на македонската дипломатска служба.
Амбасадорот Дабиќ е активен член на Бордот на Меѓународниот Центар на Алијансата на Цивилизациите на ОН.






