вторник, 9 декември 2025

ЗНАМ во одбрана на Филков од обвинувањата на СДСМ за судир на интереси во неговата магистратура

СДСМ, партијата која ја претвори државата во партиска играчка и го урниса правосудството на најниско ниво, последна има право да зборува за етика, интегритет и судир на интереси. Наместо да одговараат за своите афери и за годините на корупција, тие денес држат лажни морални лекции за министерот за правда Игор Филков, се наведува во реакцијата на ЗНАМ.

Објавено на

часот

Сподели

„Ова е очаен обид на политички банкротирана партија која измислува ‘скандали’ таму каде што ги нема. Да го наречеш академскиот развој и вложувањето во знаење – ‘злоупотреба’, е исто толку апсурдно колку што беше нивното владеење кое ја остави Македонија без правда и без доверба во институциите.

Да бидеме јасни: магистерскиот труд на министерот Филков не претставува судир на интереси, туку е доказ за посветеност, за професионализам и за волја да се надградува знаењето во сферата во која што дава најголем придонес и во која дејствува.

СДСМ зборува за ‘кражба на труд’, а токму тие со години ги крадеа институциите и иднината на повеќе генерации. Тие зборуваат за ‘етика’, а токму нивните министри беа симбол на корупција, непотизам и непрофесионалност. Токму за нивните професорски кадри се множеа кривични пријави, а за некои немаме ни разрешница. Тие зборуваат за ‘интегритет’, а целиот народ гледаше како со години ја злоупотребуваа државата за лични и партиски интереси.

Движење ЗНАМ за Наша Македонија стои цврсто зад министерот Игор Филков.
Филков е симбол на тоа каков треба да биде еден јавен функционер – образован, професионален и подготвен да ја користи науката за доброто на
државата. Она што СДСМ го нарекува ‘скандал’ е всушност пример кој треба да се
следи. Граѓаните одамна ја препознаа ароганцијата и лицемерието на СДСМ. Ние,
како Движење ЗНАМ за Наша Македонија, се залагаме за знаење како темел
на секоја реформа, за интегритет како услов за вистинска правда и за
работа во интерес на сите граѓани на Македонија“, се вели во реакција на ЗНАМ за обвинувањата на СДСМ упатени кон министерот за правда, Игор Филков.

Претходно, на партиска прес-конференција, од СДСМ го вперија прстот кон министерот Филков за неетички чин, судир на интереси или кражба на труд во неговата магистерска тема.

„Министерот за правда, Филков, има намера да магистрира на тема ‘Креирање на стратегии во сферата на правосудството како надлежност на министерот за правда’. Овој скандалозен потег, иако навидум е академски, е всушност крајно непримерен и неспојлив со високата јавна функција што тој ја извршува. Министерот за правда магистрира на тема за сопствени надлежности. Ова е директен судир на интереси, кој го разобличува неговиот личен и институционален интегритет. Постапката на министерот отвора прашања за неговата свест за Законот за спречување на корупција и судир на интереси и неговите одговорности како службено лице.

Со користење на службени документи и информации до кои има пристап како министер, за да ги искористи за лична академска добивка, Филков директно го прекршува членот 62 од истиот закон, кој забранува какво било користење на службената положба за лични цели.

Ова не е ништо друго освен злоупотреба на службената должност“, обвини на Јовица Јанковиќ на прес-конференцијата на СДСМ.

Од СДСМ сметаат дека со тоа министерот за правда ги игнорира сите етички и законски принципи.

„Токму креирањето на стратегии во правосудството е законска надлежност на Министерството за правда. Тие се дело на државни службеници и експерти, и никој нема авторски права над нив, па дури ни министерот. Со овој чин, министерот Филков, всушност, си присвојува државен труд за своја лична корист. Ова не е само неетички чин, туку и ја доведува во прашање суштината на академската чесност и интегритет“, велат од СДСМ и очекуваат реакција на Антикорупциската комисија.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ