На седницата бил усвоен Акцискиот план за оперативно делување на Движење ЗНАМ за Наша Македонија за 2026 година, стратешки документ кој го означува следниот чекор во политичкото и организациското јакнење на движењето.
Акцискиот план предвидува отпочнување на низа конкретни активности насочени кон изградба на силна и модерна политичка организација, меѓу кои формирање на Клуб на млади и Клуб на жени, воспоставување на внатрепартиска академија – Институт за едукација, избор на регионални координатори и нивни заменици, формирање на работни тела и комисии за креирање политики, регионални средби и посета на сите 53 општински организации, избори и формирање на нови општински организации, организирање трибини и панел-дискусии низ целата држава како и избор на меѓународен секретар.

Централниот одбор донел и одлука во текот на второто тромесечие од годината, во пресрет на две години од формирањето на Владата, Движењето ЗНАМ да започне широка политичка и теренска кампања низ целата држава, под слоганот „Европски реформи, европски институции, европска Македонија“.
Преку јавни трибини, средби со граѓани, посети на општини и работилници, функционерите на ЗНАМ ќе ги презентираат конкретните резултати, реформи и политики реализирани во рамки на две годишното делување во Владата, испраќајќи порака дека политиката се мери со дела, резултати и одговорност пред граѓаните.
„Движењето останува доследно на својата мисија да изгради силна, правна и стабилна Македонија, во која институциите работат во интерес на граѓаните, а државата со достоинство и јасен национален интерес чекори кон својата стратешка цел, полноправно членство во Европската Унија“, велат од ЗНАМ.






