На денешната конференција за медиумите движењето ЗНАМ – За наша Македонија ги
најави активностите за претстојните локални избори.
Директорот на Центарот за комуникации и аналитика на ЗНАМ, Никола Мемов, информира дека Централниот одбор на партијата донел повеќе одлуки.
„Од утре и во наредните 60 дена партиското раководство, сите избрани
и именувани функционери од ЗНАМ ќе ги посетат сите општини во Македонија и ќе одржат средби со членовите, симпатизерите и граѓани. Целта е директно да се запознаат со проблемите на граѓаните, но и да се слушнат нивните предлози, сугестии и мислења, кои ќе послужат за креирање на програмата за претстојните локални избори. ЗНАМ своите политики ги гради на транспарентен начин, демократски и во соработка со граѓаните. Во програмата на движењето ЗНАМ – За Наша Македонија за локалните избори главниот фокус ќе биде на решенија за подобар локален живот –
урбанистички планови, инфраструктурни проекти и транспарентно управување
со општинските буџети. На средбите, заедно со граѓаните ќе извршиме соодветна анализа, по што ќе следува и идентификација на квалитетни кадри (кандидати за
градоначалници и кандидати за советници) кои можат да направат вистинска
разлика на локално ниво.
Во таа насока формирани се четири каравани кои ќе ги предводат претседателот Максим Димитриевски, генералниот секретар Горан Минчев и двајцата потпретседатели Весна Бендевска и Павле Арсоски“, рече Мемов.
Тој информира дека Централниот одбор донел одлука за одржување на втор
изборен Конгрес на кој ќе бидат избрани претседател на партијата, како и централен и надзорен одбор со мандат од четири години. Конгресот ќе биде одржан во втората половина на јуни.
„Донесена е одлука за формирање на градската организација на движењето ЗНАМ – За наша Македонија за град Скопје, а изборната конференција преку соодветна процедура ќе започне со предлози во скопските општински организации и ќе биде одржана кон крајот на мај. Донесена е одлука за формирање на тим за преговори и евентуална соработка со други политички партии за претстојните локални избори.
Тимот ќе го предводи генералниот секретар на партијата, Горан Минчев, а
во него ќе учествуваат и потпреседателите Весна Бендевска и Павле
Арсоски“, рече Мемов.
На прашањето за преговорите со други партии Мемов одговори: „Движењето ЗНАМ формира преговарачки тим за соработка со политичките партии и во рамките на владиното партнерство веќе ги почнуваме преговорите со нашиот партнер во владата ВМРО-ДПМНЕ. Во делот на настапот на локалните ибори партиското раководство на ЗНАМ размислува за самостоен настап на ниво на советнички листи, а во делот за изборот на градоначалници на општините, размислуваме за соработка и замена поддршка со ВМРО-ДПМНЕ. Меѓутоа, секако дека кандидатите на ЗНАМ ќе бидат самостојни кандидати на ЗНАМ поддржани од ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција.
Засега разговараме исклучиво со коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „За подобра Македонија“, меѓутоа конечниот заклучок и соработка за евентуална таква поддршка на локалните избори ќе ја донесат органите и телата на партијата“.
Запрашан дали господинот Таравари треба биде надвор од владиниот кабинет, Мемов одговори:
„Нашиот став е многу јасен, го искажавме неколку пати во јавноста, дека тоа е внатрешно прашање на коалицијата Вреди. А нивното останување, значи останувањето на партијата на господинот Таравари, зависи од ставот на премиерот“.






