вторник, 23 декември 2025

Зимзоленд работи и покрај инспекциските забрани, родителите и покрај предупредувањата сè уште носат деца

Зимзоленд продолжува да работи и покрај забраните и инспекциските контроли, а сопственикот сè уште не го отстранил реквизитот од лунапаркот. Општина Аеродром ѝ нареди на фирмата „Мега луна 25“ од Битола да дислоцира дел од опремата во рок од три дена, а инспекторот предупреди дека во спротивно ќе следува присилно административно извршување на градбата.

Објавено на

часот

Сподели

Сепак, општината сè уште нема потврда дека решението е доставено, а тоа е важно бидејќи рокот од три дена почнува да тече од моментот на доставата. Градоначалникот на општина Аеродром, Дејан Митески за МКД.мк вели дека по два неуспешни обиди за врачување на решението истото е доставено по пошта и сега чекаат доказ дека е примено, па потоа тече рокот за да се отстрани овој објект.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Влатко Стојкоски, за МКД.мк изјави дека се утврдени пет неправилности со решенија за забрана на вршење на дејност.

„Решенијата не можевме да ги доставиме физички бидејќи лицата не ги најдовме, па се испратени по пошта. Овие лица работеле на диво. Кога сме биле на лице место, сме утврдиле дека не работа, но не можеме да бидеме стражари, бидејќи имаме само 20 тина инспектори. На Зимзоленд има штандови кои работат по закон, со регистрирана фирма, со фискални и слично“, изјави Стојкоски.

И покрај тоа што во медиумите се појавија информации дека не се направени проверки на реквизитите и дека постојат неправилности, родителите и натаму ги носат децата во Зимзоленд на своја одговорност. Ова ја нагласува потребата од дополнителна контрола и внимателност при користењето на забавниот парк, особено кога има забрани и нерешени инспекциски процедури.

Во меѓувреме, полицијата продолжува со истрагата за тоа како Зимзоленд функционира, а една недела по барањето на Обвинителството до МВР да достави документација за утврдување дали има елементи за кривично дело предизвикување општа опасност, сè уште нема резултати.

Одговор побаравме и од Агенцијата за храна и ветеринарство за тоа дали штандовите со храна која се прави и се продава на деца и која се подготвува во несоодветни услови, се проверени и дали уште се проверуваат.

Одговор од таму не добивме. Сепак, лунапаркот работи скоро еден месец без дозвола од Град Скопје, иако беа констатирани низа неправилности. Обвинителството отвори истрага откако се посомнева дека институциите не постапуваат по закон.

К.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ