Најмладото исчезнато лице е Фејзула Елиф, родена на 28 март 2015 година во Скопје, која исчезнала во 2016 година за време на катастрофалните поплави во Стајковци. Во моментот на исчезнувањето имала само една година, а нејзиниот случај и денес е еден од најболните симболи на трагедијата што ја погоди скопската котлина. Надојдената вода ја однесе Елиф во непознат правец пред очите на најзините родители, кои заедно со неа се враќаа од гости. Не успеале да ја спасат, а малото девојче никогаш не беше најдено.

Меѓу исчезнатите има и други деца, како Џобески Петар, роден 2011 година, кој исчезнал во 2022 година во прилепскиот регион и е дете со ментална попреченост, како и Мирсада Хелдовиќ, Митат Ибраими и Дане Мемеди, кои исчезнале во 2010 година, сите како малолетници. Ниту нивните семејства знаат каде се децата, а по она што го изјавуваа пред медиумите, сомнежите им се дека се продадени надвор од границите на државава.
Најстарата активна потрага се води по Веле Дојчиновски, кој исчезнал на 25 април 1992 година во гостиварскиот регион. Тоа значи дека неговото исчезнување трае повеќе од 32 години, без ниту една потврдена трага. Со децении нерешени остануваат и случаите на Саљи Салиу, исчезнат во Тетово во 1999 година, Џелил Османи, исчезнат во 2001 година во Гостивар, како и Митковски Стојан, исчезнат во 2004 година во Велес.
Исчезнувањата се регистрирани низ целата држава, но најголем број случаи има во Скопје и скопските општини, како и во Велес, Куманово, Кочани, Гостивар и Тетово. Во повеќе наврати лицата исчезнале откако излегле од домот до продавница, на прошетка или без претходна најава, а потоа секоја трага им се губи.
Особено загрижува фактот што значителен дел од исчезнатите лица имаат сериозни здравствени проблеми. Меѓу нив се лица со деменција, нарушено ментално здравје, оштетен вид или тешки хронични заболувања, како Василка Трајкова, Иванова Рада, Матков Ристо и Зекир Имероски. Кај овие случаи времето е клучен фактор, а секое доцнење ја намалува можноста за пронаоѓање.
Во евиденцијата се појавуваат и случаи со меѓународен карактер, како белгискиот државјанин Марќ Јорис, исчезнат во 2024 година при планинарење во реонот Охрид–Струга–Маврово, како и лица за кои се распишани меѓународни потерници.
Јавноста го памети и случајот со 43-годишната Лидија Трајковска од Скопско Јурумлери која беше пријавена за исчезната на 8 ноември 2024. За жал оваа потрага заврши трагично, бидејќи нејзиното тело беше најдено во водите на Вардар кај селото Таор, Зелениково.

Надлежните институции потсетуваат дека при исчезнување на лице, реакцијата мора да биде итна. Семејството и блиските треба веднаш да ги контактираат сите кои би можеле да имаат информации за движењето на исчезнатото лице и без одлагање да се обратат во најблиската полициска станица.
Полицијата прибира податоци за навиките, здравствената состојба, последните контакти и движења, а од особена важност е да се достави фотографија и да се дозволи нејзино јавно објавување. Сокривањето информации или одложувањето на пријавата може сериозно да ја загрози потрагата.
И покрај тоа што дел од овие случаи се стари повеќе од две или три децении, тие сè уште се водат како отворени. За семејствата на исчезнатите, времето не носи затворање, туку само подолга неизвесност. Потрагите, не смеат да згаснат, бидејќи и најмалата информација може да биде клучот за вистината.
К.Д.



Најстарата активна потрага се води по Веле Дојчиновски, кој исчезнал на 25 април 1992 година во гостиварскиот регион. Тоа значи дека неговото исчезнување трае повеќе од 32 години, без ниту една потврдена трага. Со децении нерешени остануваат и случаите на Саљи Салиу, исчезнат во Тетово во 1999 година, Џелил Османи, исчезнат во 2001 година во Гостивар, како и Митковски Стојан, исчезнат во 2004 година во Велес.


