четврток, 11 декември 2025

Жителите на Љубојно во одбрана на шумата над селото

Ќе поднесеме тужби против сите инволвирани во еколошката катастрофа што се случува со масовната сеча на шумата во атарот на нашето село, велат жителите на преспанското село Љубојно.

 

Објавено на

часот

Сподели

„Мора да има правда за коријата, за упропастената дабова шума и за загрозувањето на нормалното функционирање на животот на мештаните во Љубојно,“ изјавија револтирани жители кои денеска протестираа пред канцелариите на ресенската подружница „Преспа дрво“.

Кој е тој што дозволува да се уништат белите дробови на Преспа, на Македонија, прашуваат жителите на Љубојно кои сметаат дека активностите на „Преспа дрво“ се директно поврзани со уништувањето на шумата, која има огромно значење за природната рамнотежа и квалитетот на живот во целиот регион.

Мештаните барат итно да запре сечата и одговорните лицa да одговараат. Тие сметаат дека оваа неконтролирана сеча ќе предизвика сериозни последици и врз водните ресурси, врз земјоделството и биодиверзитетот, свлечишта, поплави…

Сечата на шумата во близина на црквите „Св. Атанас“ и „Св. Петар и Павле“ не престанува иако мештаните протестираат веќе две недели.

Тие бараат официјално ветување од надлежните институции дека сечата ќе запре и нема одново да се активира.

Од Македонски шуми велат дека се работи за контролирана сеча на шумата кај Љубојно, дека била испочитувана целокупната законска регулатива, дека направен бил и премер од стручни лица и донесен посебен план, рецензиран од стручна комисија и одобрен од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во писмото до градоначалникот на Ресен Јован Тозиевски, мештаните велат дека сечата се врши точно над селото Љубојно, во непосредна близина на резервоарот за вода што го користат две села (Брајчино и Љубојно).

„При најмала контаминација што може да биде предизвикана со сечата, резервоарот ќе биде загрозен. Веќе имаше оштетувања на цевководот од камионите кои вршат сеча. Над самиот резервоар е изграден пат за пристап на камионите до сечата, а знаеме дека пат не смее да поминува над резервоар за вода. Но не се само камионите и безбедноста на самиот резервоар, туку станува збор за директно влијание на подземни и надземни води кои го полнат резервоарот.  Исто така потребно е да се утврди дали патот се пробива законски и дали е погоден за таа намена.

Според закон, сечење на дрва во близина на извор е забрането. Не смее да има никаква економска активност во близина на резервоари и извори на пивка вода“, пишува во писмото.

Селото Љубојно се наоѓа точно под сечата која е на стрмен терен. И при помал порој секако ќе дојде до ерозија и селото ќе биде загрозено, како што покажа невремето на 17 август, потсетуваат мештаните.

„Патот што ги поврзува Љубојно и Брајчино, кој се наоѓа под шумата планирана за сеча, како инфраструктурен објект е загрозен поради лизгање на земјиште.  Директно под планираната сеча има земјоделско земјиште најмногу со јаболкови насади, кое ќе биде загрозено не само поради ерозија и лизгање на земјиште, туку и поради промената на целата микроклима – почнувајќи од инсекти кои служат за опрашување, до пораст на температура и соодветно наводнување“.

Жителите на Љубојно од градоначалникот на Ресен бараат вонреден инспекциски надзор од областа на животна средина, водовод, шума, градежништво и сите други области кои се засегнати со сечата и посебниот план. Да се направи увид во документацијата и да се утврди дали се обезбедени сите документи, решенија, елаборати и дозволи за да се спроведе посебниот план. Да се направи вонреден инспекциски надзор на терен за да се провери и утврди дали се постапува согласно добиените потребни дозволи, решенија, елаборати и документи. Да се провери целосното постапување на субјектот во однос на сечата. Да се воведе целосна забрана за спроведување на планот, затоа што меѓу другото, со неговото спроведување е загрозен извор на вода и голата сеча е несоодветна за теренот. Да наложите да се направи ревизија на планот, бараат мештаните од градоначалникот Тозиевски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ