понеделник, 7 април 2025
По излевањето на Маркова Река

Жителите на Горно Лисиче кои имаат поплавен имот да ги пријават материјалните штети

Општина Аеродром упати повик до жителите на Горно Лисиче кои имаат поплавен имот од излевањето на Маркова Река да ги пријават материјалните штети.

Објавено на

часот

Сподели

Според информациите од терен, како што се наведува во соопштението од Општината, во поплавите предизвикани од обилните врнежи од дожд изминатите денови, нема нанесени штети на куќи, но, велат, поплавени се неколку магацини и земјоделски објекти, како и дел од полето во Горно Лисиче.

Жителите кои имаат имот во поплавеното подрачје, за да ги пријават штетите треба да поднесат пополнет образец кој можат да го најдат на линкот http://aerodrom.gov.mk/dokumenti/formulari, како и во Општина Аеродром или во Урбаната заедница во Горно Лисиче.

„Покрај пополнување на ова барање, подносителите треба да достават важечки документ за идентификација, доказ за сопственост (копија од имотен лист), како и фотографии од локацијата по претрпената штета“, се вели во соопштението на општина Аеродром.

Пополнетиот образец граѓаните кои имаат штети ќе можат да го поднесат во Архивата на Општината или во Урбаната заедница во Горно Лисиче.

Рокот за поднесување е десет работни дена, а како почетен датум се смета денот на излевањето на Маркова Река, што се случи во вторникот (1 април) и ќе трае заклучно со 14 април.

Поради обилните врнежи од дожд, Маркова Река се излеа од своето корито, што доведе до поплавување на неколку куќи, магацини и индустриски објекти во селата Студеничани и Батинци, како и во делови на Пинтија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ