Како што објавија на социјалните мрежи, по 13-часовна седница, Советот на Град Скопје едногласно ја усвоил иницијативата на ЗХГ и биле усвоени шест заклучоци чиешто спроведување, велат од оваа Иницијатива, многу посветено ќе го следат.
Пред сѐ, Советот донел заклучок да се задолжи Град Скопје да се обрати до Министерството за животна средина (МЖСПП) со официјално барање за да се испита работењето на фабриката за производство на цемент и други градежни материјали, Титан Усје и сите големи индустриски загадувачи, како и дали истите целосно ги исполнуваат сите услови, обврски и критериуми кои произлегуваат од важечката дозвола за работа и релевантната еколошка регулатива и во најбрз рок да го известат Град Скопје за резултатите. Воедно, се бара Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) да изврши серија ненајавени вонредни испекциски надзори врз работењето на Титан Усје и сите големи индустриски загадувачи со цел утврдување на фактичката состојба, почитувањето на еколошките стандарди, дозволените емисии и примената на мерки за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните. Дополнително, Советот заклучи да се повика Општина Кисела Вода врз основа на наодите, параметрите и мислењата добиени од МЖСПП и ДИЖС да води особена сметка при понатамошната изработка на деталните урбанистички планови (ДУП) како и да ги земе предвид истите при сите идни урбанистички и плански постапки.
„Истата обврска се однесува и на останатите општини во составот на Град Скопје и Град Скопје со цел обезбедување усогласен, одговорен и одржлив пристап во просторното и урбанистичкото планирање во интерес на заштитата на животната средина и квалитетот на животот на граѓаните. Се задолжува градоначалникот на Град Скопје да се обрати до Владата за да го разгледа начинот за започнување на постапка за дислокација на УСЈЕ и сите големи индустриски загадувачи на соодветни места надвор од скопската котлина согласно Законот за животна средина и Просторниот план на Македонија. Овој заклучок да се достави до градоначалникот на Град Скопје, Владата, Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и општините во Градот Скопје“, се наведува во објавата на Зелен хуман град.
Вчера се одржа граѓански протест со барање за дислокација на Титан Усје. Како што рекоа организаторите на протестот, граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, цементарницата континуираното го загадува воздухот во Скопје.
„Последните месеци го истражувавме работењето на фабриката и дојдовме до заклучоци дека ‘Титан‘ е интернационална компанија која не првпат има вакви проблеми. Слични случаи се забележани и во Америка и во Египет. Се работи за мафија која наоѓа легални начини да го оправда тоа што го прави. Станува збор за странски капитал и директори кои ги трујат нашите деца“, кажаа на протестот од „Стоп за Усје“.
Рекоа дека протестот е само предупредување до властите дека се следи работата на фабриката Титан Усје, а натамошните блокади на сообраќајот и протести ќе следат по празниците, сè додека не се спроведат конкретни мерки против загадувачите.
Од компанијата велат дека целосно ја разбираат загриженоста на јавноста за квалитетот на воздухот во Скопје, но тврдат дека Титан Усје не е причина за тоа. Напротив, велат оттаму, Титан Усје работи согласно најдобрите достапни техники во производството на цемент.
„Технологијата која се применува во Титан Усје соодветствува со најдобрите компании од оваа индустрија во Европската Унија. Целосно ги отфрламе неоснованите обвинувања, кои се невистинити и не се засноваат на факти и на научни податоци. За жал, и овој пат компанијата се користи како изговор за неосновани напади, иако реалните, научни и мерливи факти јасно укажуваат дека причините за загадувањето треба да се бараат на друго место. Научните истражувања, направени од независни домашни и странски експерти, покажуваат дека квалитетот на амбиенталниот воздух во Скопската котлина е под силно влијание на метеоролошките услови (струење на воздух, висока влажност, температурна инверзија и сл.), а од антропогените фактори влијанијата од индустријата имаат помало влијание од затоплувањето на домовите и јавните објекти, сообраќајот, градежните активности и горењето на отворено“, се вели во соопштението од скопската цементарница Титан Усје, по синоќешниот протест на граѓаните.
Оттаму велат дека фабриката континуирано е контролирана од страна на Државниот инспекторат за животна средина.
„Последниот увид од страна на Државниот инспекторат за животна средина, институција која е надлежна за сите инсталации со А – Интегрирана еколошка дозвола, беше извршен на 18 декември 2025 година, при што инспекцијата повторно утврди дека нема отстапувања од законски дозволените лимити. Исто така, на 18 ноември годинава во ноќните часови имаше ненајавен инспекциски увид од страна на оваа институција и тогаш беше констатирано дека сите вредности се во законски дозволените рамки“, тврдат од Титан Усје.
Демократска обнова на Македонија (ДОМ), партија чија партиска програма се заснова на зелената агенда ја поздрави одлуката на Советот на Град Скопје за поднесување иницијатива за дислокација на тешката индустрија надвор од градот.
„Тоа е легитимна долгорочна визија за хуман град, која ја поддржуваме како крајна цел.
Сепак ДОМ како одговорна зелена партија мора да предупреди на реалноста, дислокацијата на капацитет како Усје е исклучително сложена правно-финансиска операција која дури и да започне веднаш би траела со години. Тука се отвораат прашања за надлежностите, цената на експропријацијата и правните лавиринти за кои во моментов нема ниту временска рамка, ниту финансиска конструкција. Граѓаните на Скопје немаат време да чекаат правни разрешници. Белите дробови на нашите деца се полнат со отрови сега, оваа зима. Затоа, додека се трасира тој долг пат за дислокација, ДОМ инсистира на итна примена на конкретни мерки кои даваат резултат веднаш. Не смее да се дозволи ‘иницијативата за дислокација’ да биде изговор за нечинење денес“, велат од ДОМ.
Тие од Владата и МЖСПП побараа итно спроведување на јавен мониторинг на воздухот во реално време, временско поместување на ремонтите на печките на Усје, да се донесе забрана за користење на алтернативни горива, технолошка надградба на фабриките со таканаречените влажни испирачи како и жестока контрола на „малите оџаци“:






