петок, 16 јануари 2026

Жерновски: Одлуката на САД за визите е аларм, изолацијата скапо ја чини Македонија

Видовме 24 часовен молк на премиерот Христијан Мицкоски којшто го снема од политичката сцена цел ден, вчера не можевме никаде да го видиме, денеска го очекуваме да се појави. Тоа не е случајно, требаше да даде одговор за тоа зошто САД не стави на листа, се наведува во соопштението од прес – конференција на членот на Извршниот одбор (ИО) на СДСМ, Андреј Жерновски.

Објавено на

часот

Сподели

Ако некој може да даде одговор, рече Жерновски на денешната прес конференција, „тоа е сигурно другарот од периметарот, нашиот премиер, кој нè убедува две години колку блиски пријатели се“.

„Во недостиг на неговото присуство, што би рекле од неговата партија, за уши го извади министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски. Се случи уште една грешка, уште еден трагикомичен настап на политичар кој многу зборува, а ништо не кажува, персонификација на денешната киндер-дипломатија. Мицкоски фактички го надмина својот претходник Никола Груевски, кој заврши на црната листа, Мицкоски, за жал, ја стави целата држава на црната листа. Одлуката на САД да ја суспендираат обработката на визи за македонските граѓани не е техничка пауза, како што вели министерот Муцунски, туку политички сигнал, предупредување. САД внимателно ја следат состојбата во земјата и ова е јасен сигнал дека гледаат проблем, дека нешто не е во ред“, изјави Жерновски.

Според него, Македонија ја плаќа цената на погрешните политики на Мицкоски, кои водат кон затворање, кон изолација на земјата.

„Тоа ја зголемува недовербата на граѓаните во институциите. Недостигот од економска перспектива за луѓето ги тера младите да заминуваат, да се иселуваат затоа што не гледаат иднина дома. САД испраќаат порака дека не се задоволни од капацитетот на државата, дека постои недоверба во институциите и очекуваат реформи што не се спроведуваат. СДСМ подолго време укажува дека политиките на изолација на оваа тендер-коалиција ВМРО – ЗНАМ ги загрозуваат стратешкото партнерство со САД и процесот на интеграција во ЕУ. Надворешната политика на Владата се сведува на активностите на најблискиот соработник на Мицкоски, Иван Стоилковиќ со ноќните волци блиски до Путин“, рече Жерновски.

Жерновски обвини дека власта спроведува активна анти ЕУ кампања.

„Наместо реформи, намерно се продуцираат судири со Грција и Бугарија, затворени прашања повторно се отвораат, за да се оправда изолацијата а да не се дојде до решенија. Во таа смисла, мерката на САД е дипломатски сигнал, политички аларм и индикатор за тоа каде реално се наоѓа државата на меѓународната мапа. Ова се први чекори што ги гледаме, САД носат и Закон за Западен Балкан насочен директно кон борбата против криминалот и корупцијата. СДСМ ќе продолжи јасно и гласно да ја разоткрива оваа опасна агенда на власта и да се бори против политиките на изолација и загрозување на стратешкото партнерство со САД“, кажа Жерновски на денешната прес конференција.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ