„Потсетуваме дека во април 2023 година, пратениците од Левица имаа поднесено Предлог-закон за измена и дополнување на Законот за здравственото осигурување со кое се предложија соодветни измени за да им се овозможи платено породилно отсуство на жените земјоделки. Од тогашната влада на СДСМ и ДУИ предлогот на Левица доби негативно мислење, а Законот ја помина само првата собраниска фаза по што беше и остана блокиран на комисијата со која раководеше ДУИ. Жената – земјоделка е сведена на молителка, принудена е да аплицира за надоместок за породилно отсуство преку иста програма преку која се аплицира за субвенции за трактор и за крава“, се вели во реакцијата на Левица.
Во 2023 година, од 4 поднесени барања за породилно отсуство, само едно било одобрено, со исплата од 100.000 денари за сите 9 месеци бременост. Во 2024 – уште полошо: само едно одобрено од 6 барања, со мизерни 81.000 денари. Нејасно е како државата може да „штеди“ токму на ова – на еден од најосновните облици на социјална поддршка, што во секое цивилизирано општество претставува гарантирано право. Наместо да обезбеди достоинствени услови за трудниците и мајките, институциите испраќаат понижувачка порака: дека нивниот труд, здравје и живот не се приоритет.
Го поздравуваме чекорот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и на Хелсиншкиот комитет, кои поведоа тужба против Владата и Министерството за здравство, поради очигледна системска дискриминација врз жените земјоделки. Правото на мајчинство не смее да биде луксуз, ниту програма, туку законски загарантирано право! АФЖ – Левица остро ги осудува молкот и неактивноста на Министерството за здравство, кое упорно одбива да предложи измени на Законот за здравствено осигурување и покрај јасните препораки од релевантните институции.
Бараме Владата на својата приоритетна листа веднаш да стави реално потребни мерки и тоа итна измена на Законот за здравствено осигурување со која жените – земјоделки ќе добијат еднаков пристап до породилно и боледување, признавање на жената – земјоделка како рамноправна работничка и граѓанин на оваа држава, а не статистичка категорија за поткуп пред избори и јавна одговорност од институциите кои со години толерираат дискриминација врз основа на пол, личен статус и припадност на маргинализирана група. Земјата што сака мајки, не смее да ги третира како апликантки за трактори и крави! Жената од село или жената – земјоделка не е ‘помалку жена’, ‘помалку мајка’ или ‘помалку граѓанин’, туку таа стои на фронтот на егзистенцијата и грижата за земјата, таа е стожер на семејството и производител на храна“, додаваат од Левица.






