Со одлука на Апелацискиот суд Гостивар, двајцата осудени директори наместо по година и половина, добија три години казна затвор, а правното лице Клиничка болница Тетово зголемена парична казна од еден милион и триста илјади денари.
Судиите во повисокиот суд одлуката ја донеле на 26 ноември 2025, при што се одбиени жалбите на осудените директори Флорим Бесими и Артан Етеми, додека уважени се жалбите на Основното јавно обвинителство Тетово.
„Судот пресудата ја преиначи во делот на одлуката за кривичната санкција и во делот на одлуката за имотноправното побарување така што обвинетите Ф. Б. од Т. и А. Е. кои со првостепената пресуда се огласени за виновни за кривичното дело тешки дела против општата сигурност ги осуди на казна затвор во траење од по три години, обвинетото правно лице ЈЗУ К. Ц. кое со првостепената пресуда е огласено за виновно за кривично дело предизвикување општа опасност, го осуди на парична казна во износ од 1.300.000,00 денари“, пишува во соопштението на Апелацискиот суд Гостивар.
По пожарот во 2021 година и поднесеното обвинение во декември 2022 година, Основниот суд Тетово почна процес кој заврши во јуни 2023 кога директорите ги осуди на условна казна затвор, но Апелационен суд потоа одлучи да има ново повторно судење.
Второто повторно судење заврши во мај 2025 година кога тетовскиот суд им пресуди по една година и шест месеци затворска казна на двајцата директори на Клиничката болница Тетово.






