сабота, 12 јули 2025

Земјоделците остануваат главен приоритет, вели Мицкоски

Во делот на исплатата на субвенции во сточарството, опфатени се повеќе од 4.100 сточари, а исплатени се околу 350 милиони денари, информира премиерот Христијан Мицкоски. Тој напомена дека од почетокот на годината исплатени се 9 милијарди денари, односно станува збор за долгови од 2021, до 2024 година. Мицкоски е на ставот дека земјоделците остануваат главен приоритет на Владата.

Објавено на

часот

Сподели

„Изминатиот период беа исплатени субвенции во делот на сточарството. Од почетокот на годината вкупно се исплатени околу 9 милијарди денари. Тоа не е само за овој период, тоа се долгови од 2021, 2022, 2023 година и од тековната 2024 година. Продолжуваме и понатаму и со ребалансот, и со онаа распределба на крајот на годината. Сакаме да го фатиме редот, да нема долгови и покрај тоа што мораме да враќаме долгови од 2021 година“, рече Мицкоски, одговорајќи на новинарско прашање, кој присуствуваше на пуштање во употреба на реконструираниот регионален пат Понов мост-Богданци.

Тој потенцира дека има исклучително добри резултати и во делот на извозот во првите четири месеци од годината. Рече дека историски имаме највисока откупна цена на пролетна зелка, а добра откупна цена е и на доматите.

„Ќе мораме тоа да го сервисираме, бидејќи земјоделците се оние кои не само што ја хранат Македонија, туку морам да кажам дека има исклучително добри и квалитетни резултати и во делот на извозот во првите четири месеци од годината. Се радувам на историски највисоката откупна цена за пролетната зелка, а сега слушам дека е добра и откупната цена за доматите. Генерално, можам да кажам дека се уште не сме максимално задоволни, но одиме кон тоа ниво. Земјдолеците остануваат главен приоритет на оваа Влада“, посочи Мицкоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ