Настанот го отворија заменик министерот за здравство, Јовица Андовски и претседателката на лекарската комора Проф.Д-р Калина Гривчева Старделова кои ја нагласија важноста од континуирана медицинска едукација, следење на современите научни достигнувања и јакнење на професионалните стандарди во областа на специјализираните медицински дисциплини.
Заменик министерот упати благодарност на сите присутни експерти особено во делот кој е посветен на современите пристапи во третманот на лузни од изгореници со цел заеднички да придонесеме кон унапредување на третманот и успешна рехабилитација на повредените.
Годинашниот симпозиум испрати јасна порака дека естетската медицина претставува интегрален дел од современото здравство, дисциплина со голем опсег – од нехируршки и хируршки процедури до реконструктивни и регенеративни терапии кои влијаат на физичката функција, самодовербата и менталната благосостојба на пациентите.
Според најновите светски податоци, вкупниот број на естетски интервенции на глобално ниво достигнува над 38 милиони процедури годишно, при што бројот на хируршки и нехируршки третмани бележи значајно зголемување од 40 отсто во однос на 2020 година (ISAPS 2024).
Во своето обраќање, претседателот на Здружението за естетска медицина, Проф. д-р Игор Пеев, истакна дека современата естетска медицина е дисциплина што ги обединува науката, технологијата и клиничката пракса во служба на пациентот.
„Нашата цел е да обезбедиме највисоки стандарди на безбедност и квалитет, базирани на научни докази и меѓународни протоколи. Кога зборуваме за естетика, зборуваме за севкупното здравје. Токму затоа е важно постојано да инвестираме во знаење и стручна надградба“, рече Пеев.
Надоврзувајќи се на ова, секретарот на Здружението, д-р Анџелка Илиева, нагласи дека естетската медицина бара интегриран и одговорен пристап.
„Естетската медицина денес е мултидисциплинарна гранка, која комбинира хируршки, нехируршки и регенеративни пристапи. Нејзиниот развој и интеграција во клиничката пракса придонесуваат кон подобро здравје, функционална способност и благосостојба на пациентите“, рече Илиева.
На симпозиумот учествуваа врвни домашни и странски експерти, а покрај стручните предавања се одржаа и практични hands-on работилници, што овозможи директен трансфер на знаење и примена на најновите техники во клиничката пракса. Програмата опфати широк спектар современи теми – од безбедноста на естетските интервенции, управување со компликации, мултимодални терапевтски пристапи и регенеративни методи, до иновативни техники во нехируршки и хируршки процедури. Посебен акцент беше ставен на научно засновани протоколи и холистички пристап во третманот на пациентите.
Седмиот меѓународен симпозиум за естетска медицина уште еднаш ја потврди улогата на ЗЕМ како релевантна стручна платформа што придонесува кон развој на оваа медицинска дисциплина и кон јакнење на професионалните стандарди во земјата.






