„Роковите се кратки, а принудени сме да формираме партија и да собереме потписи според строги законски правила за да имаме право да се кандидираме на избори и да продолжиме да се бориме. За воздух, за зеленило, за јавен интерес. За Скопје, какво што заслужуваме!“, велат од Зелен хуман град.
Во соопштението истакнуваат дека „Зелен хуман град“ ја формира првата партија во Македонија која во срцето на својата политичка агенда ги позиционира социјалната правда, заштитата на животните и животната средина. ЗХГ е воедно и првата партија во историјата на Македонија што ја основаат долгогодишни волонтери, а не спонзори.
„Ја основаат луѓе што со години во континуитет ги вложуваат своето знаење, време, енергија, како и финансии, за да создадат здраво и функционално општество за сите – и за луѓето и за животните. Иако сме принудени да ја основаме партијата само за да имаме право да се кандидираме на избори – нашето делување останува идентично како и до сега – хоризонтално, со директна демократија и активизам, отворено за секој што ги дели нашите вредности“, порачуваат од ЗХГ и додаваат дека имаат строги правила на функционирање за да ја задржат хетерогена волонтерската група здрава и фунционална, а со тоа и доволно силна да иницира општествени промени.
„Ние сме единствената политичка група којашто има јавен и отворен процес за самокандидирање од сите наши сограѓани кои ги делат нашите заложби – МојКандидат. Апликациите на сите кандидати се објавуваат јавно и за нив може секој да гласа. Веќе втора изборна година по ред ја отвараме вратата на секој што смета дека има доволно знаење и ентузијазам да ни се придружи на нашата листа за Совет на Град Скопје.
Во изминатите 4 години како дел од Советот на Град Скопје со само 2 од 45 советника успеавме да постигнеме неколку преседани https://zhg.mk/postignuvanja/
Првпат во историјата на Скопје: работата на Советот е целосно дигитализирана и транспарентна преку МојГрад.мк ; сите решенија за интервенција врз зеленило се објавуваат јавно со можност да се оспори и запре постапката; ЈП Лајка, прифатилиштето за бездомни кучиња е управувано од долгогодишни активисти за заштита на животните,
Дополнително на овие преседани, поништивме урбанистички план во Влае со кој се предвидуваа висококатници и одземање и уништување на површини од основно училиште, како и останата јавна инфраструктура за сметка на инвеститорски профит; во континуитет доставувавме и застапувавме предлози од граѓани за финансирање од буџетот на Град Скопје; предлагавме решенија за спречување на загадувањето на воздухот; застапувавме политики за енергетска независност, паметен третман на отпадот и хуман третман на животните; протестиравме и бевме гласни за темите кои на сите нас ни се важни“, наведуваат од ЗХГ, дел од своите резултати од досегашното дејствување.
Истовремено порачуваат дека имаат јасна визија за управување со градот, но за тоа им е неопходна поддршка од освестени сограѓани чиишто одлуки не зависат ниту се диктирани од центри на моќ.
„Партијата е само алатка – борбата продолжува. ‘Зелен хуман град’ останува она што отсекогаш бил – заедница на луѓе што се грижат. За градот. За луѓето. За животните. За иднината. Нема шефови. Нема скриени спонзори. Само луѓе. Како тебе. Како нас’, ја започнуваат својата кампања за гласови за да се регистрираат како партија од „Зелен хуман град“.






