петок, 12 декември 2025

Зелен хуман град: Ѓорѓиевски ја отфрли Иницијативата да го заштити Скопје од детонации

На последната седница на Советот на Град Скопје, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ја отфрли Иницијативата на Зелен хуман град за забрана на огномет на територија на градот велејќи дека Советот бил „ненадлежен“, најомиленото образложение на функционерите во Македонија, државата во која никој не е надлежен за ништо. Споредбата за наводната ненадлежност Ѓорѓиевски ја доведе до апсурд со изјавата дека тоа било исто како Советот на Скопје да забранува абортус, се наведува во реакцијата на Зелен хуман град.

Објавено на

часот

Сподели

Од Зелен хуман град прашуваат како може Општина Кавадарци да донесе одлука да ги слави празниците годинава без огномет, а тоа не може Град Скопје.

„Неговото образложение беше дека МВР спречувале неовластено користење огномети. МВР исто така се надлежни за неовластено палење отпад и загрозување на животната средина со неовластено одлагање отпад, па тоа не ја намалува обврската и надлежноста на Градот да собира отпад и во својата одлука за комунален ред да уредува начини за негово прописно одлагање. Ако Градот забрани на својата територија кој било да користи огномети, петарди и останати експлозивни материи, тоа не одзема од надлежноста на МВР туку додава!“, велат од Зелен хуман град.

Оттаму додаваат дека доколку мнозинството на градоначалникот во Советот ја прифатеше Иницијативата, „тоа ќе беше јасна политичка порака до неговата партија која ја има централната власт во момент кога подготвува измени на Законот за јавен ред и мир и веќе најавува забрана за огномет во затворен простор“ и дека поддршката од Градот ќе ја отвораше вратата за забрана на огномет и на отворено, на целата територија на Македонија.

„Наместо тоа, скопјани добија сигнал дека здравјето на граѓаните, ранливите групи и животните е помалку важно од политички калкулации. Детонации на секои пет минути не се празнување. Детонации на секои пет минути се вознемирување, разболување и смртни последици за животните. Тоа го знае секое семејство со дете со аутизам, секој хронично болен човек, секој граѓанин што не може да спие, секој што си го бара правото на мир и достоинство“, велат од Зелен хуман град.

Од Зелен хуман град упатија апел до скопјани да им пишат на градоначалникот и на премиерот со барање Советот на Град Скопје и Собранието да забранат огномети и петарди во Македонија.

„За да ги натераме властите да ја усвојат оваа многу задоцнета одлука, неопходна ни е твојата поддршка“, велат од Зелен хуман град.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ