Ѓорѓи Каракамишев, претседател на Националната земјоделска мрежа, изјави дека во последните 10 години субвенциите константно се движат околу 100 милиона евра, што рече тој, ним не им ги покриваат ни елементарните потреби.
„Потрагично е што оваа година субвенциите се условени. Кај растителното производство тоа е минимум 0,7 проценти, кај животинското се условени, на пример, со минимум 30 пчелни семејства, минимум 30 овци, 30 кози, минимум три крави. Во ситуација во која се соочуваме со нелојална конкуренција од надвор и имаме увоз од над една милијарда евра, ни доаѓа стока со дампинг цени и субвенционирана од нивните држави, ние сме неконкурентни. А и откупните цени во државата се околу производната цена или се пониски. Ние мора да го кренеме гласот до надлежните институции. Освен тоа, од сите субвенции, 52 милиона евра се за годинашново производство, а 46 милиони за плаќање на заостанатите субвенции. Ние сме за разговори и сакаме средба. Ако буџетот од 2015 е зголемен за триста проценти, зошто и субвенциите не се зголемени за да имаме конкурентно производство и здрава храна“, изјави Каракамишев
Земјоделците бараат разговори и предлагаат годинашнава програма да се укине, да се работи според ланската.
„Од новата програма треба да се прават корекции по сите ставки. За да не се прави тоа, бараме оваа програма да се укине, а да се субвенционираме според програмата од 2025 година. Потоа, во текот на годинава, ќе оформиме работни групи за секоја гранка и заедно со Министерството за земјоделство ќе ги изработиме субвенциите за 2027 година. Од ова предлог-решение сигурно нема да има попаметно и нема да има незадоволни. Така, на пример, за тутунот ќе си остане по 100 денари, за житото како и досега“, предложи Миле Кебакоски од здружението „Фармери југозапад“.






