среда, 21 јануари 2026

Здружението на судии се оградува од секој корумпиран судија и бара заштита за чесните судии

Здружението на судии внимателно ги следи настаните поврзани со приведувањето на судијата од Апелацискиот суд Скопје, Ѓоко Ристов и изразува јасна поддршка на надлежните институции во борбата против организираниот криминал и корупцијата, вклучително и сузбивањето на корупцијата на највисоко ниво, се наведува во денешното соопштение на Здружението на судии.

Објавено на

часот

Сподели

Од Здружението на судии очекуваат надлежните органи да спроведат темелна, прецизна и транспарентна истрага, во која ќе се утврдат сите релевантни факти и околности, како и евентуалната инволвираност на други лица, доколку таква постои, без селективност и со целосна почит кон законските процедури.

„Во случај на докажана корупција, Здружението на судии јасно и недвосмислено се оградува од секој корумпиран судија или носител на судска функција кој со своето незаконско постапување го нарушува угледот и интегритетот на судскиот систем. Таквите појави не смеат и не треба да се поврзуваат со судиите кои чесно, професионално и одговорно ја извршуваат својата функција, а кои претставуваат огромно мнозинство во судството. Во таа насока, Здружението бара целосно почитување и заштита на угледот и достоинството на чесните судии, како и воздржаност од генерализации кои дополнително ја поткопуваат довербата на граѓаните во правосудниот систем“, велат од Здружението на судии.

Оттаму сметаат дека ваков принципиелен и одговорен пристап треба да биде применет и кон сите други општествени чинители и функционери кои се склони кон коруптивно однесување, бидејќи токму ваквите појави со години придонесуваат за губење на довербата на граѓаните во институциите и во системот во целина.

„Како здружение остануваме посветени на јакнењето на владеењето на правото, независноста и интегритетот на судството, како и враќањето на довербата на граѓаните во правдата и институциите. Напоменуваме дека при секоја постапка мора доследно да се почитува уставното начело на пресумпција на невиност, како еден од темелните принципи на владеењето на правото и правната држава, во овие моменти на граѓаните не им е потребен сензационализам ниту органите на прогон ниту од политичките структури, напротив потребно е да покажеме достоинство, не селективен пристап и отчетност, со целосно почитување на човековите права и Европските вредности кон кои се стремиме како држава“. се наведува во соопштението на Здружението на судии.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ