„Во Македонија има речиси 25.000 деца на улица, од кои 2.000 секојдневно се во критична здравствена состојба. Овие деца немаат здравствено осигурување, легитимација, ниту се евидентирани во системот. Дневниот ‘промет’ од дете изнесува од 3.000 до 7.000 денари, пари што завршуваат кај организаторите – ‘шефовите’, а децата живеат во мизерија и насилство. Најкритични градови се Скопје – до 350 деца, Охрид до 120 во сезона, Куманово, Тетово и Битола“, се наведува во денешното соопштение.
Од здружението излегоа со барања до Министерството за здравство и надлежните институции.
„Здружението ‘Градиме иднина’ најостро бара почитување на меѓусекторскиот протокол – итна имплементација на протоколот за постапување со деца на улица од 2022 година. Бесплатно лекување – ослободување од сите партиципации и трошоци за хируршки интервенции за децата од улица. Формирање комисија за ревизија – истрага за злоупотреба на медицински потврди и факсимили. Постојат сомнежи дека се издаваат лажни извештаи, што ‘мафијата на лажни просјаци’ ги користи за манипулација на граѓаните пред клиниките. Заштита на децата по болничко лекување – децата што се излекувани да не се враќаат кај биолошките родители, кои ги експлоатираат, туку да се сместуваат во групни домови или згрижувачки семејства. Одговорност за медицинскиот персонал – одземање лиценци и кривична одговорност за секој лекар што издава лажни потврди за питање“, се наведува во соопштението.
Велат дека истражувања покажале оти во државните клиники дејствува организирана мрежа.
„Се користат деца за собирање донации, кои, наместо за лекови, се трошат на луксузен живот, коцкање и недвижности на нивните ‘шефови’. Нема да дозволиме никој да нè замолчи. Овој проект ќе го тераме до крај, сè додека и последното дете не биде спасено од канџите на мафијата“, се додава во соопштението.
Од здружението апелираат да не им се даваат пари на питачите.
„Со секој даден денар вие директно ја финансирате нивната експлоатација, но и мафијата што стои зад нив. До МВР и агенциите за обезбедување – бараме поголема присутност и професионалност. Секој случај на питање во кругот на клиниките мора веднаш да биде пријавен на 192. Здружението ‘Градиме иднина’ останува на ставот дека здравјето и иднината на децата се над секоја политика. Бараме итен работен состанок со министерот за здравство за решавање на овој повеќегодишен проблем“, се додава во соопштението.






