„Како што е познато, постојат индиции дека во текот на повеќе години, осомничените раководни лица од поранешната Еуростандард банка ја користеле истата за одобрување на ненаплатливи кредити на поврзани фирми, пренос на средства кон поврзани лица, како и за манипулација со финансиски извештаи, со што биле доведени во заблуда депонентите и јавноста.
Според сомневањата, ваквото координирано дејствување претставува класичен пример на организирана криминална група, чија цел била лично и незаконско богатење на штета на доверителите и депонентите. Не станува збор за банкарски ризик или лошо управување – туку за класичен грабеж од луѓе кои седеле на врвот на банкарската пирамида.
Граѓаните кои имаа депозити во банката беа обесштетени преку Фондот за осигурување на депозити до законскиот лимит, но сѐ уште сите правни субјекти и некои физички лица останаа со неподмирени побарувања.
И покрај јасните сигнали и мноштво материјални докази, досега нема поднесено обвиненија, ниту притвори, што ја зголемува недовербата кај оштетените, но и кај јавноста. Апелираме до обвинителството за итно и целосно расчистување на случајот и преземање на одговорност од сите кои биле дел од оваа финансиска криминална операција со значајни последици“, соопшти Здружението од оштетени штедачи на Еуростандард банката.






