„Одговорноста не смее да запре пред Трифун Костовски. Како поранешен претседател на Надзорниот одбор на Еуростандард банка, неговото име неизбежно е дел од прашањата што јавноста со право ги поставува за врвот на банката. Особено затоа што преку негови колумни и чести јавни настапи се создава впечаток дека оштетените се обештетени, додека вистината е сосема поинаква: сите оштетени правни лица, како и дел од физичките лица, и натаму не се обештетени. Тоа не е само извртување на реалноста, туку и дополнително понижување на луѓето кои пет и пол години чекаат правда.
Трифун Костовски тврди дека е целосно невин за нефункционалните кредити што, според наводите, со години биле одобрувани без соодветни гаранции и хипотеки и дека дури подоцна дознал за тоа, по што го сменил Управниот одбор. Но ако навистина 10 години не знаел што се случува во банката додека бил на чело на нејзиниот Надзорен одбор, тогаш тоа не ја намалува, туку ја отвора неговата одговорност уште повеќе. Како е можно цела деценија да се носат штетни одлуки на товар на штедачите, а надзорот да не види, да не спречи и да не реагира?
Обвинителството мора јавно да каже што утврдило, до каде е постапката и зошто пет и пол години молчи. Секој ден без разврска го засилува сомнежот дека правдата повторно застанува таму каде што почнува моќта.
Ова веќе не е само случај на пропадната банка. Ова е тест дали во Македонија правдата важи и за моќните. Ако и овој случај остане без епилог, пораката ќе биде поразителна: во оваа држава најлесно неказнети остануваат токму оние што предизвикуваат најголема штета. Оштетените не бараат политички спектакл. Бараат вистина, одговорност и правда“, се вели во реакцијата на здружението.






