„Законот е јасен – истрага може да трае најмногу 18 месеци (1,5 години). Но, наместо брзо процесуирање, имаме пет години молк. Овој молк не е само правно неприфатлив, туку и длабоко неморален. Тој им испраќа порака на граѓаните дека правдата е селективна, а на сторителите – дека големиот криминал може да остане неказнет.
Каква е таа правда кога истрагата против лицата што ја воделе и уништиле банката стои заглавена со години? Како да им објасниме на оштетените граѓани и фирми дека нивните права се помалку важни од интересите на моќниците? Дали е ова правна држава или држава на привилегирани недопирливи?
Молкот на обвинителството ја руши довербата во институциите и ја поткопува идејата за еднаквост пред законот. Непостапувањето не е само пропуст – тоа е форма на неправда што ги продлабочува раните на оштетените и го легитимира организираниот криминал како „нормален“ дел од системот.
Правдата одложена е правда ускратена. А кога правдата е ускратена пет години, таа веќе станува неправда.
Граѓаните имаат право да прашаат: Зошто обвинителството не ја заврши истрагата во законскиот рок? Кој ја носи одговорноста за ваквата неказнивост? Дали државата е на страната на граѓаните или на страната на моќниците кои ја уништија банката?
Случајот со Еуростандард банка е тест за правосудниот систем. Ако оваа истрага не заврши со обвинение и одговорност, тоа ќе биде уште една потврда дека кај нас правдата е само празен збор, а неправдата – сурова реалност“, соопшти Здружението на оштетени штедачи на банката.






