„Јас не сум партиски кадар. Имав поддршка од СДСМ за кардиохирургијата која за осум години стана ултрамодерен центар за операции и лекување на срце, за што порано се одеше во странство. Тука се лекуваат најтешки пациенти со најсовремена опрема за интензивна нега. Се користеа и европски проекти и нашата клиника стана регионален центар за кардиохирургија, а сега за награда се менува менаџерскиот тим. Во оваа држава како да важи правилото ако сте најдобри значи не чини. Еднаш треба да се тргне политиката од прфесионалноста, од она што треба да се работи професионално“, изјави денеска проф.д-р Јовев.
Тој смета дека успешната работа на државната кардиохирургија е и успех на Министерството за здравство затоа што заштедени биле многу пари со тоа што голем број пациенти веќе не оделе на лекување во странство на државен трошок, туку се лекувале тука.
„Но прашање е дали тоа така се препознава. За 35 години работа немам ниту еден ден боледување. Минатата недела за првпат земав боледување заради притисоците што ги имав. Тука не станува збор за политчки причини, веројатно, туку можеби за суета. Неодамна отворивме хибридна сала на Клиниката, на која дојде премиерот. Министерот не дојде, дали сметаше дека е доцна пратена поканата, но имав притисоци зошто сме ја отвориле без него“, рече проф.д-р Јовев.
Неговиот адвокат Мите Михајловски рече дека секако ќе следува тужба, зашто оваа ситуација, како што нагласи, со такво решение и таква одлука не може да помине.
„Во решението е наведено дека не биле одобрени дежурствата од страна на министерот и тоа за јануари и февруари, кога министер беше Беким Сали. Ако нема дежурства на кардиохирургија, тогаш каде може да има. Ако по овој случај вработените не бидат обединети, втора шанса за државната каридохирургија нема да има“, рече Михајловски.
Замислете, додаде адвокатот, некој доаѓа со итна потреба на клиниката, а портирот да му рече ‘извинете, немаме согласност од министерот, дојдете утре’.
„Само тоа е причината, само дежурството. Вчера чувме на телевизија дека којзнае какви злоупотреби имало од страна на професорот Јовев. Значи, единствена причина е дежурството. Јас како правник поставувам прашање – како може оваа клиника да нема дежурство? Не може. Значи, злоупотреба е од министерот ако не дал согласност да се организира дежурството. Така што, апсолутно нема никаква причина за разрешување и ова од далеку се гледа дека нема повреда, туку е друго нешто во позадина“, додаде Михајловски.
За дежурствата, како и за забелешките на министерот дадени во изјава за медиумите, дека не се почитувало работнотовреме, Јовев само додаде дека кога би се отчукувале со картичка сите негови вработени за да го потврдат своето присуство на работа, државата нема да има пари да ги плати, затоа што тие често се повеќе часови на работа отколку дома. Овој тим работи 24/7, рече професорот.
Прес-конференцијата која професорот ја одржа пред влезот на Државна кардиохирургија беше проследена, покрај од новинарските екипи, и од вработените во Кардиохирургија кои повеќе пати со аплауз искажаа поддршка и согласување со изјавите на д-р Јовев, а тука беа и бројни пациенти кои велат дека својот живот и квалитет на живот му го должат на директорот на кардиохирургија.
„Ова е домот на професорот Јовев, тој не може од тука да биде избркан, тој со години и години е тука, тој и слободното време со години го трошеше за пациентите кои доаѓаше да ги види, да поразговара со нив и со збор да им даде поддршка. Мене не ме познаваше, но се заложи за мене и моето здравје како да сум му најблиска во фамилијата“, рече една жена која дојде во Клиниката со една цел – да застане пред камерите и да му каже збор два на поддршка лично на омилениот доктор.
Се редеа и други пациенти со своитге изјави, своите судбини и зборови на благодарност. Сите рекоа дека партиите повеќе не смеат да се мешаат таму каде што се лекуваат луѓе и се спасуваат човечки животи.
„Вашите нерасчистени сметки решавајте си ги на друго место, ама не на штета на народот“; рече еден од излекуваните пациенти.
Текст и фото: П.Џ.