понеделник, 8 декември 2025

Лекарската комора побара дополнителни мерки за лиценцата на д-р Кузмановски

Докторот Игор Кузмановски мора да помине тримесечна специјализирана обука под директно водство на ментор. По завршувањето на обуката, докторот ќе подлежи на испит за детална проверка на стручните знаења и способности. Ова е одлуката на Комисијата за етички и правни прашања при Лекарската комора по барање за продолжување на лиценцата за работа на доктор Кузмановски.

Објавено на

часот

Сподели

„Имајќи предвид дека Законот за здравствена заштита прецизно ги утврдува условите за издавање, обновување, продолжување и одземање на лиценците за работа, а во моментов не постои судска пресуда или друг правен акт кој би условил одбивање на барањето за одземање на лиценцата, Комората ја користи законската можност да наметне засилен механизам на контрола и едукација.

Паралелно со ова, во Комората тече и сеопфатна процедура поврзана со неговото етичко однесување како доктор. Комората даде јавна и остра морална осуда за однесувањето на докторот, јасно ставајќи до знаење дека со своето однесување тој ги крши етичките принципи и го нарушува интегритетот и угледот на лекарската професија.

За да се донесе конечна, издржана и најправедна одлука, Комората ги очекува извештаите на комисиите формирани од Министерството за здравство и Универзитетската клиника за неврологија, кои треба да дадат поширока претстава за професионалниот лик и стручната способност на докторот во целина. Конечната одлука на Комората ќе биде донесена по темелна анализа на сите прибрани докази и извештаи“, се вели во соопштението на Лекарската комора.

Кузмановски неодамна беше разрешен од директорското место на Клиниката за нефрологија откако по социјалните мрежи беше објавен компромитирачки материал во кој се гледа како докторот меша бела прашкаста материја за која вели дека е „бело“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ