Вирусот на мајмунските сипаници е откриен во Данска (1958) кај мајмуни чувани за истражување. Мајмунски сипаници кај луѓе првпат биле идентификувани во 1970 година во Демократска Република Конго кај 9-месечно бебе во регион каде што големите сипаници биле елиминирани во 1968 година. Оттогаш, повеќето случаи се пријавени во руралните, дождовни шуми на сливот на Конго, а случаи на заболени сè повеќе се пријавуваат од цела Централна и Западна Африка.
Со искоренувањето на големите сипаници во 1980 година и последователниот прекин на вакцинацијата, овие сипаници станаа ризик за јавното здравје. Mајмунските сипаници првенствено се појавуваат во Централна и Западна Африка, често во близина на тропските дождовни шуми, но сѐ повеќе се појавуваат и во урбаните области. Домаќини на вирусот се животните, вклучувајќи голем број глодачи и примати.
Во мај 2022 година епидемија на мајмунски сипаници се појави ненадејно и брзо се прошири низ Европа, Америка, а потоа и сите шест региони на СЗО. Глобалната епидемија ги погоди првенствено (но не само) хомосексуалците, бисексуалците и другите мажи што имаат секс со мажи. Се шири од лице на лице преку сексуалните контакти.
Во повеќе од 120 земји од јануари 2022 до август 2024 беа пријавени мајмунски сипаници, кога беа лабораториски потврдени повеќе од 100.000 случаи и над 220 смртни случаи меѓу потврдените случаи.
Симптомите обично вклучуваат: треска, главоболка, болки во мускулите и грбот, зголемени лимфни жлезди, исцрпеност, кожен осип, кој може да се појави на лицето, рацете, стапалата, гениталната област или други делови од телото.
Инкубациониот период е обично од 6 до 13 дена, но може да варира од 5 до 21 ден. Болеста трае од 2 до 4 недели и во повеќето случаи се повлекува без потреба од специфичен третман. Сепак, кај лица со ослабен имунитет, деца и бремени жени, може да се развијат посериозни компликации.
Како се пренесува?
Директен контакт со кожни лезии или телесни течности на заразено лице; близок физички контакт, вклучувајќи сексуален однос; контакт со контаминирани предмети како облека, постелнина или прибор; респираторни капки при продолжен близок контакт лице в лице.
Ризикот од епидемија е многу низок. Треба да се одржува хигиена (миење раце со сапун и вода); да се избегнува близок контакт со симптоматски лица и споделување лични предмети; задолжителна консултација со лекар при сомнителен осип.
Децата, бремените жени и луѓето со слаб имунолошки систем, вклучително и луѓето кои живеат со ХИВ кој не е добро контролиран, се изложени на поголем ризик за сериозни болести и смрт поради компликации од мајмунски сипаници.
Некои луѓе со мајмунски сипаници развиваат посериозна клиничка слика. На пример, кожата може да се зарази со бактерии, што доведува до апсцеси или сериозно оштетување. Други компликации вклучуваат пневмонија; инфекција на рожницата со губење на видот; болка или тешкотии при голтање; повраќање и дијареа што предизвикува дехидрација или неухранетост; и инфекции на крвта (сепса), мозокот (енцефалитис), срцето (миокардитис), ректумот (проктитис), гениталните (баланитис) или уринарните органи (уретритис).
Смртноста историски се движела од 0 до 11% во општата популација и била поголема кај малите деца. Во последно време, стапката на смртност е околу 3-6%, информираат од Институтот за јавно здравје и додаваат дека располагаат со реагенси за тестирање по клинички (со упат од матичен лекар, инфектолог) и епидемиолошки индикации.