„Учениците запишани во Богословското училиште – Скопје и Средното теолошко училиште ‘Иса Бег’ – Скопје имаат право да полагаат државна матура, согласно со Законот за средното образование и подзаконските акти донесени врз негова основа, вклучувајќи ја Концепцијата за државна матура, училишна матура и завршен испит. Учениците кои успешно ќе положат државна матура стекнуваат право да го продолжат своето образование на високообразовни установи во државата“, пишува во образложението на предлог-законот.
Целта на законот, како што беше образложено на собраниската седница, овозможува еднаков третман на сите ученици и се создава правна основа за целосна интеграција на учениците од верските средни училишта во образовниот систем на државата.
Заменик-министерот за образование Лулзим Алиу рече дека со овој закон не се доведува во прашање секуларноста на државата и дека државата нема да има никакви финансиски оптоварувања.
„Се изедначуваат сите ученици и државата покажува дека сите се исти. Финансирањето на овие училишта нема да биде на товар на државата. Секуларноста на државата не се нарушува бидејки организатор на овие училишта се верските заедници“, рече Алиу.
Посочи дека вакви примери има во држави од Западен Балкан и во САД.
За опозицијата, ваквото законско решение е противуставно и дискриминирачко затоа што ќе важи само за верски училишта – Богословското училиште и Средното теолошко училиште „Иса Бег“.
„Предлог-законот не е само обично законско решение, туку удар врз секуларноста на државата. Во Уставот стои дека нашата држава е секуларна што значи дека верата е одвоена од државата. Предлогот има за цел да се легализира верското образование на ниво на средни училишта со што учениците би добиле признати дипломи. Ова е спротивно на Уставот, спротивно на Законот за средно образование3, рече Даниела Николова од СДСМ.
Пратеникот Реџеп Исмаил од Левица побара законот да биде повлечен и за него да се отвори поширока дебата.
Предлог-законот, којшто ќе се носи во редовна постапка, преминува на разгледување во матичната Комисија за образование.






