Според Обвинителството, во периодот од 28 февруари 2025 година до 9 јули 2025 година, обвинетите незаконски оставале, собирале и управувале со опасен отпад што содржи супстанции кои имаат својство на експлозивност, запаливост, надразливост, токсичност, канцерогеност и екотоксичност на катастарска парцела во Визбегово на која за тоа немале соодветна дозвола од Министерството за животна средина и просторно планирање.
„На 9 јули 2025 година на локацијата се случил пожар кој поради обемот и опасноста не можел да се стави под контрола, при што согорел дел од непрописно складираниот отпад. Тоа предизвикало масовно испуштање црн чад и значително загадување на воздухот, потврдено со мерењата на Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана при АРМ. Крајната последица од незаконитите дејствија на обвинетите е и предизвиканата потенцијална опасност за животот и здравјето на луѓето“, информираат од Обвинителството.
Како што се наведува во соопштението на Обвинителството, со истрагата е утврдена одговорност кај една сопственичка и управителка на обвинетото правно лице, која заеднички и со умисла заедно со второобвинетиот кој учествувал со особен придонес во работата на правното лице ги преземале незаконитите дејствија.
„Обвинение за дејствија од член 230 став 6 од Кривичниот законик е поднесено и против уште една сопственичка на друштвото и на парцелата која не била свесна за можноста од настапување на штетна последица, иако според околностите на случајот и своето лично својство, била должна и можела да биде свесна за таа можност“, пишува во соопштението на Јавното обвинителство.






