МКД.мк неофицијално дознава дека по извршениот увид од страна на Завод и музеј Охрид се констатирани големи оштетувања на ова, со закон заштитено културно наследство.
Според нашите информации предметниот објект претставува споменик на културата – значајно културно наследство прогласено со Решение Уп. бр. 18-376/2016 од 28.06.2017 год. донесено од Управата за заштита на културното наследство при Министерство за култура Скопје и истото се наоѓа во првата зона на Струга со посебен режим на заштита согласно „Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион со Акциски план 2020-2029”.
„При увидот се констатирани големи оштетувања (уривање на јужниот калкански ѕид на објектот и рушење на дел од кровот настанати при ископување за порумски простории и темели за изградба на соседниот објект од јужната страна) на заштитениот објект Стара струшка куќа кој датира од крајот на XIX век, изградена со висина од П+1 кат, приземјето е ѕидано со камен, додека катот е од лесна бондручна конструкција, меѓукатната конструкција и кровната конструкција е од дрвени греди.
За изградба на соседниот објект на КП 1336, ГП 02.73, КО Струга од страна на сопственикот Зуди Каба од с. Велешта до Управата за заштита на културното наследство Скопје е побарано Мислење за заштитно конзерваторски услови и од истата е издадено Решение за ЗКУ со УП бр. 08-738/2022 од 17.07.2023 год. за рушење на постојниот и изградба на нов објект. Врз основа на издадените ЗКУ од страна на стручната комисија при НУ Завод и Музеј Охрид е издадено Мислење за Усогласеност на Идејниот проект бр. 13-372/2 од 23.05.2024 година согласно Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион со Акциски план 2020-2029. Стручните лица предлагаат Инспекциската служба при УЗКН – Скопје да постапи согласно своите надлежности“, велат извори од Завод и музеј Охрид за МКД.мк.
Ја урнаа куќата на Владо Малески, а една година „не можат” да ја урнат дивоградбата во струшката чаршија, реагираа од Левица.
„Струга денес изгуби еден од најзначајните културни објекти и симболи на антифашистичката борба, куќата на истакнатиот припадник на НОБ – големиот Владо Малески. Во овој историски објект, на 23 септември 1941 година, во присуство на членовите на покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија, народниот херој Кузман Јосифовски – Питу одржа конститутивен состанок на Месниот комитет на КПЈ за Струга и Струшко. Се урива куќата на Малески, додека ОЈО Струга една година не постапува по пријавите за дивоградбата во самиот центар на струшката чаршија (и веќе се гради трет спрат). Струга е узурпирана од градежни мафијаши, алчни политиканти и заробени институции кои секој ден го убиваат културниот и антифашистичкиот дух на Струга. За ваквото сквернавење на споменот на авторот на македонската химна, низа инстититуции ќе мора да дадат одговор кој и како дозволил рушење на овој објект – со имиња и презимиња за одговорност!“, напиша Јована Мојсоска кандидатка за градоначалник на Струга од Левица на својот фејсбук профил.

Од СДСМ во објава на официјалниот фејсбук профил на партијата, побараа надлежните институции во најкраток можен рок да го истражат случајот и да ги изведат пред лицето на правдата сите оние „кои денес си зедоа за право да избришат дел од културното наследство на Струга. И не само на Струга, туку и на Републиката“.
„Овој чин ја поткопува довербата во институциите. Нерасчистувањето на ова културно злосторство ќе покаже дека има поединци и групи кои се над законите, над сѐ она што е наследство. Струга отсекогаш ја негувала културата, Струга е градот со кој жителите се гордеат со своите културни дејци, Струга ја чува културната меморија, и така сакаме да продолжиме. Затоа, во име на стружани, бараме итно постапување и одговорност. Нема да дозволиме овој нецивилизациски чин да биде ставен во дневнополитички наратив, затоа што Малески е многу повеќе од тоа.
Наследството на Владо Малески е столб на нашата култура и идентитет. Бараме правда и заштита на преостанатото културно богатство. Одговорните мора да сносат последици!“, напишаа од СДСМ на официјалниот фејсбук профил на партијата.
МКД.мк денеска речи си цело претпладне се обидуваше да стапи во контакт со градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, но неговиот телефон остана недостапен. Не одговараа ниту од Општината каде сакавме да земеме изјава од градежниот инспектор за да каже дали било пријавено уривањето на старата струшка куќа и дали инспектори излегле на терен.
Од СВР Охрид потврдија дека биле повикани на лице место.
„Увидот сѐ уште трае. По завршување ќе знаеме за што точно се работи и дали можеби има елементи на кривично дело“, изјави портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Граѓанскиот активист Никола Кукунеш објави видео на кое се гледаат последиците од уривањето на старата струшка куќа која е во сосптвеност на Општината, а е заштитена со закон како културно наследство.
„Си заминува Струга таква каква што ја знаеме“, напиша Кукунеш на својот фејсбук профил.
Искра Опетческа