понеделник, 14 април 2025
Скандал во македонското правосудство

Затвор од 2 години за усмртувањето на Теодора досуди судија кој сам си поправал оценки на факултет

Судијата Ељведин Ферати, кој денеска му досуди казна од две години затвор на возачот Менсур Пајазити, кој смртно прегази 22-годишната Теодора Ристевска на пешачки премин во Тетово, е истиот судија кој на крајот на 2023 година беше фатен дека си ги пречкртувал и поправал сопствените оценки на Правниот факултет на Државниот тетовски универзитет (ДУТ), поради тоа што му бил потребен повисок просек.

Објавено на

часот

Сподели

Тој се пријавил на оглас за Академијата за судии и обвинители со лажна просечна оценка 8,20, а во дипломата за завршени студии по право на Тетовскиот универзитет имал просек 7,88.

Ова го откри Државниот просветен инспекторат во декември 2023 година, кога по налог на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), ја проверил документацијата на сите досегашни кандидати кои биле примени и дипломирале на Академијата за судии и јавни обвинители.

Државниот инспекторат потоа влезе на Тетовскиот универзитет, каде во Матичната книга на Катедрата по право, кај Ферати имало поправено три оценки со пречкртување.

Тој денес досуди дека Пајазити, како учесник во сообраќајот, не се придржувал до прописите, со што го загрозил јавниот сообраќај. Сестрата на прегазената Теодора низ солзи праша колку вреди човечкиот живот.

Со плачење и поради голем револт сестрата Ева Ристовска и таткото Круме, го напуштија судењето и во изјави за медиумите истакнаа дека не се задоволни од одлуката на судот.

„Колку вреди животот во Македонија. Колку вреди животот на сестра ми, дали животот некој може да и го врати. Дали нејзината младост може некој да ја врати. Мојата младост дали може некој да ја врати. Мојата душа дали може некој да ја врати. Две години го осудија што уби човек. Колку вреди животот во Македонија дали некој ќе ми објасни, колку вреди животот на сестра ми. Со две години ние треба да бидеме задоволни? Јас треба да отидам и да речам на сестра ми, да и запалам свеќа и да и речам. Со две години биди задоволна, ова е законот во Македонија. Не, не може со две години, максималната казна нема да ми ја врати Теодора мене. Ќе ми ја олесни маката мене, ќе каже на секој следен што може да го доживее не дај Боже истово, ќе каже дека има правда, ако стигне до максимална казна. Сите веруваат во правда, и јас верувам дека ќе се смени ова и дека ќе биде максималната казна пет години“, рече Ева Ристовска.

 

„Згрозен сум, од оваа држава, што да очекувам од оваа држава, плачам за правда, правда нема. Нема никогаш да има правда во оваа држава. Готово оваа држава отиде. Младите бегаат и ние постарите ќе бегаме. Ова не е држава“, рече Круме Ристовски.

По сообраќајната несреќа во август 2022 година, на првото судење во ноември 2023 по признавање на вина Пајазити беше осуден на три години и шест месеци затвор.

По жалба, Апелацискиот суд ја намалил казната на две години затвор, па Врховниот суд ги укинал двете пресуди на Основниот и Апелацискиот суд и предметот го врати на повторно судење.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ