Сообраќајот во овој дел од државата се одвива непречено, но се препорачува внимателно возење поради влажни коловози и помали, но, чести одрони,
„На патните правци под наша надлежност има помали, но, чести одрони од камен. Поради влажните коловози, но и можноста од поголеми одрони, по што е познат нашиот регион, препорачуваме многу внимателно возење и строго почитување на патната сигнализација. Наши екипи се постојано на терен, со цел навремено расчистување и безбедно одвивање на сообраќајот“, потврдија за МИА, од дебарската секција на Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта.
Додаваат дека целосно се подготвени да одговорат на секоја потреба, иако зимскиот распоред на работа почнува на 5 ноември.
Под надлежност на оваа секција се делниците Дебар – Жировница (патен правец Дебар – Маврово), Дебар – Глобочица (патен правец Дебар – Струга), патот кон граничниот премин „Блато“, потоа кракот Бошков Мост кон селата на Мала Река, како и патот Мелнички Мост – Центар Жупа, или над 110 километри.
Дожд секако позитивно ќе влијае во зголемувањето на дотеците на реките и потоците во овој регион, што ќе услови зголемен дотек на вода во акумулацијата „Дебарско Езеро“ на Хидроелектраната „Шпилје“.
Снег од ноќеска паѓа и во Маврово и на Попова Шапка.






